25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Кацарска во интервју за „Слободна ТВ”: Да се изберат сите судии, не само двајца бидејќи Уставот предвидува вкупно девет

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска гостуваше на интервју кај Зоран Иванов во „Слободна ТВ” и одговараше на повеќе теми поврзани со нејзината актуелна работа и кариерата како судија во кривичниот суд. По повод актуелниот проблем со недостатокот на уставни судии Кацарска порача дека пратениците треба да го почитуваат Уставот, а тоа значи да ги изберат сите четворица судии за да биде комплетен Уставниот суд:

-Колку што имам информација веќе заврши дискусијата за двајца судии, тоа значи дека остануваат уште две непополнети места и според мене секако дека е добро што ќе се изберат двајца судии, но сметам дека пратениците мора да смогнат сила и да го почитуваат Уставот, да го комплетираат Уставниот суд затоа што Уставот предвидува девет судии, рече Кацарска.

По последните обвинувања во Собранието околу изборот и предлагањето на кандидатите за уставни судии Кацарска одгвори:

„Јас веќе имам свој став за тоа затоа што си ја знам работата, но нема да коментирам за да нe го кажувам дека однапред мислењето, тоа ќе го кажам во салата за седници”.

На темата околу довербата во судството, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска порача:

„Македонија има судии, обвинители и адвокати со коишто може да се гордее, но за жал има и такви на кои не и е местото во судството. Ако зборуваме постојано за корупција а немаме конкретни предмети тогаш како ќе ја вратиме довербата? Не значи дека еден судија треба да биде само разрешен поради нестручно постапување, јас секогаш велам дајте да видиме кој од нас со каков имот располага, кој како се однесува и какви средби има со политичари.
Јас постојано велам, мора институциите да се позанимаваат со судството. Јас сум човек којшто зборува отворено и тврдам дека мора да се провери имотот на судиите.

На прашањето како гледа на политичките напади претседателката на Уставниот суд одговори:

-Oтворено ќе ви кажам дека никогаш не ме допирало тоа што го кажувале политичарите, ниту се преиспитувам себеси, тие се само политичари. Како судија мора да сте јака личност и да одолеете на секакви ситуации во животот. Тоа што зборуваат политичарите воопшто не допира до мене. Сето тоа политичарите го прават за свои политички поени, за својата политичка кариера и не допира до мене затоа што се лаги и невистини.
Мене многу ми значи кога ќе ме сретнат на улица или во маркет каде што пазарам непознати луѓе и кога ќе ми пријдат и кажат: „секоја чест за она што го работите, веруваме во судството заради васт.”

Како ви беше кога ги читавте пресудите на тие високи функционери, беше едно од прашањата на новинарот Иванов, на што Кацарска одговори:

„Не е лесно да си судија, зборуваме за судии професионалци, чесни судии. За нас таквите е важно секој еден доказ да го ставаме пред нас. Треба да се аргументира секој доказ, вербален материјален сеедно, врз основа на тие докази ги носиме пресудите. Со оглед на големиот број на пресуди коишто сум ги донела тоа се илјадници пресуди, тоа значи многу ноќи непреспиени. Не е лесно да изречете казна затвор макар и од 30 дена, кога ги читам пресудите јас повеќе не размислувам за ништо затоа што веќе сум убедена дека мојата одлука е исправна.”

Една од темите кои беа опфатени е и безбедноста на судиите поради сензитивните предмети кои се судат и во таа насока претседателката на Уставниот суд одговори:

– Кога ќе одлучите да бидете судија знаете дека тоа може да има последици по вашата безбедност. Мора да сте цврст, јак човек и не треба да се плашите. Но судијата треба да биде професионален, стручен да почитува закони и ништо повеќе од тоа. Има опасности, на пример додека ги судев предметите од СЈО имаше ризик за мојата безбедност и ден денска се случуваат непријатни ситуации, но во ниеден момент не се плашам. Единствено морам да бидам искрена и да признаам дека нелагодно се чувствував пред изрекување на тие пресуди, бидејќи многу знаење, многу труд, многу енергија вложив во тие предмети и не посакував да ми се случи нешто додека не ги објавам тие пресуди, затоа што граѓаните на Република Северна Македонија заслужуваат да знаат што точно се случувало во тој период. Мора да има владеење на правто.

Како пример кој би го предложила за идните правници Кацарска го посочи случајот Тенк и објасни:

-Имаше критики од професори на Правниот факултет кои не ги виделе доказите, не ја прочитале пресудата и би препорачала секој кој сака да коментира прво да ги прочита пресудата и доказите, на студентите им порачувам многу да читаат и доколку бидат идни адвокати , обвинители или судии исклучително да ја почитуваат постапката. Кога се судеа на пример предмети од СЈО тие беа под мониторинг на ОБСЕ и се правеа редовни извештаи, кога излезе третиот извештај пишуваше дека начинот на кој се водеше постапката во случајот во Тенк, како се изведуваа доказите без да биде попречено ниедно право на било кој обвинет треба да служи за пример на сите останати судии. Ниеден судија мислам дека не го прочитал ова за себе, бев исклучително горда и многу среќна.

Како правник со 40 години стаж од кои 36 како судија Кацарска потенцираше дека донела илјадници пресуди од кои имало и многу ослободителни, а на прашњето дали некој случај може да го издвои како момент кој предизвикал емоции посочи:

„Сепак сме ние луѓе, но нашите емоции ги задржуваме во себе не смееме да ги покажеме во судница. Како самохрана мајка, бидејќи мојот сопруг е починат пред 30 години, исклучително емотивно ме допре предмет каде што брачниот другар се соживеал со друга партнерка и после разводот ја избркал својата сопруга а имат дете со посебни потреби. Нејзиниот поглед, нејзините насолзени очи ќе ги памтам целиот живот. Сакав да плачам со таа госпоѓа, но не можев тоа да си го дозволам, донесов пресуда да таа госпоѓа со нивното дете да остане во дел од нивната куќа кој беше дел од стара градба и доградба. Пресудата беше потврдена до Врховен суд. На пример имав случај со лице со тукушто направени 18 години, учесник во тепачка во кафуле, испиле малку повеќе, имало оштетен. Доаѓа во судница и гледате дека кај него има големо каење, на завршните зборови плачеше се извинуваше. Јас не го осудив на казна затвор, му досудив алтернативна мерка, условна, меѓудругото ми кажа дека неколку месеци бил вработен. За жал Апелациониот суд ја преиначи одлуката и го осуди на 10 месеци затвор, а јас и ден денес тврдам дека тоа младо момче не требаше да оди во затвор.”