25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Комората во посета на големите маркети: Скапата електрична енергија ја погоди и трговијата, потребно е допрецизирање на мерката за замрзани маржи

Драстично поскапената електрична енергија, непрецизното дефинирање на мерките поврзани со ограничувањето на маржите, отсуството на сеопфатен приод на државата при справување со кризни моменти и нелојалната конкуренција  се само дел од проблемите со кои се соочуваат големите ланци на маркети што деновиве ги посети делегација на Стопанската комора, предводена од потпретседателот Зоран Јовановски.

При посетите на „Рамстор“, „КАМ“, „Тинекс“ и „Веро“, заедничка констатација е дека во овие услови на енергетска криза приходите на маркетите не можат да го следат растот на трошоците, посебно во услови кога високите сметки за струја во просек се шест пати повисоки во однос на истиот период од минатата година. Овие трговски ланци, каде работат над 4 000 лица, се надеваат на помош од државата. Во спротивно, дел од нив ќе бидат принудени да затворат одредени продажни места.

Во разговорите со Комората раководствата на маркетите потенцираа дека не постои бизнис кој може да ги издржи тековните високи сметки за струја, кои на месечно ниво, кај одделни трговски ланци, речиси се изедначени со вкупниот трошок за исплата на плати за вработените. Информираат дека во постојната ситуација континуирано преземаат чекори за да ги намалат своите трошоци на работење.  

Како алтернатива за скапата струја, дел од маркетите веќе инвестираат во изградба на фотоволтаични централи на покривите, но укажуваат дека треба да се изнајдат механизми за забрзување на издавањето на подзаконските и други акти потребни за активирање на централите за сопствени потреби. Во овој дел очекуваат и поддршка преку бескаматни кредити.

Како голем проблем, во сите разговори, беше нагласено дека мерките за ограничување на маржите што ги донесе Владата се прешироки и непрецизни. Како резултат на тоа не постои точно тарифирање на производите со замрзната маржа, па се ограничуваат и луксузните производи кои во најголем дел не се за широка потрошувачка. Трговците сметаат дека одлуката треба да се прецизира, односно да се наведат тарифните броеви на стоките опфатени со неа. Но и да не се замрзнуваат сите други приходи по основ на продажба, бидејќи тие се поврзани со посебни услуги што трговците им ги овозможуваат на своите добавувачи. Беше посочено дека посакуваните ефекти од воведување на било какви мерки би биле поголеми доколку пред нивното формулирање и носење се направат соодветни консултации со бизнис секторот, со цел воведување јасни и прецизни мерки со олеснета примена. Со тоа би се елиминирала потребата од „лошо етикетирање“ на трговците и трговијата, имајќи го предвид и нивниот придонес во државниот буџет по основ на плаќање на даноци и други давачки кон државата.

Беше посочена и потребата од сеопфатен приод во решавањето на проблемите што произлегуваат од постојната криза, каде што товарот од решенијата нема да падне главно на грбот на трговците туку ќе се распредели соодветно во рамки на економијата и општеството за полесно справување со кризата во целина.

Компаниите го посочија и проблемот со нелојалната конкуренција. За нејзино сузбивање потребни се мерки во насока на сузбивање на сивата економија, подобро регулирање на плаќањата во готово, итн.

Од страна на потпретседателот Зоран Јовановски на сите работни средби беше нагласено дека Комората веќе долг период интензивно комуницира со претставниците на Владата и други државни институции со цел носење на мерки за поддршка на стопанството. Поддршката од Владата која бизнис секторот, а во тие рамки и компаниите во трговијата, ја очекуваат е особено важна за да се одржи домашната економија и конкурентноста на домашните производи и услуги и дома и во странство, како и да се зачуваат работните места.