СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ѓ.Т.(57) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на авторски права и сродни права“. Пријавениот, во текот на 2022 година преку компјутерски средства неовластено објавувал, прикажувал, дистрибуирал и емитувал, односно нудел услуги на корисници поврзани со пристап до програмски сервис, спротивно на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги без да биде лиценциран оператор согласно член 56 од ЗАВМУ и без да е содржан во регистарот на даватели на такви услуги согласно член 57 од истиот закон.
На 05.03.2022, при претрес во објект, кој го користи како работилница, биле пронајдени две компјутерски куќишта со инсталирани апликации кои се користат за средување на листи од канали, осум андроид боксови за реемитување на ТВ канали, тетратки со податоци на клиенти кои купувале канали и други предмети, меѓу кои пиштол марка TT и една рамка со осум куршуми, 116 куршуми калибар 7,62 мм, 15 ловни куршуми калибар 12мм, ловечка пушка „Damas Turc“ калибар 12мм и 30 куршуми за ловечка пушка калибар 12мм.