Владата го усвои предлог-законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории граѓани за справување со енергетската криза. Сега ова законско решение влегува во процедура пред собраниските тела и пред пратениците. Овој закон обезбедува финансиска поддршка за најранливите категории во време на криза и опфаќа околу 180.000 граѓани, изјави на денешната прес-конференција, Санела Шкријељ, пратеничка на СДСМ.
Таа додаде дека во следните четири месеци финансиска помош од 3.000 денари или вкупно 12.000 денари предвидено е да добијат корисниците на право на социјална сигурност на стари лица; корисниците на посебен додаток; корисниците на правото на надоместок поради попреченост; лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок поради попреченост и самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош. Финансиска помош од 3.000 до 6.000 денари за период од четири месеци ќе добијат и пензионерите што имаат пензии до 14.000 денари.
Република Северна Македонија е социјална држава и овие мерки се во насока на помош и поддршка на оние категории граѓани што имаат најмногу потреба од тоа, истакна Шкријељ.
Шкријељ ги повика сите пратеници овие измени на законот за чии финансиски импликации веќе се обезбедени средства од буџетот да дадат поддршка на измените со цел исплатата на помошта да почне веќе идниот месец.
Особено упати апел до колегите од ВМРО-ДПМНЕ.
Денес, 17 октомври, на Светскиот ден на борбата против сиромаштијата, ги повикуваме да се откажат блокадите и да им дадат поддршка на законските измени. Во период на криза нема време за дневна политика, туку е потребно ефикасно дејствување и носење соодветни мерки за помош на најранливите, изјави Шкријељ.