14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТЕФАН БОГОЕВ/ STEFAN BOGOEV
МАКЕДОНИЈАИНТЕРВЈУТОП ВЕСТИ

Интервју со потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев: Договорот со Фронтекс ги потонува сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица!

1.​Владата објави нов пакет од 350 милиони евра таргетирани антикризни мерки. Широк е опфатот, некаде околу 200.000 граѓани според некои наши проценки. Дали се овие мерки доволни во услови на ваква криза и што е со мерките кои се најавуваат за компаниите?
Да, точни ви се проценките, опфатени се над 200.000 граѓани, пред се ранливи граѓани, оние кои во оваа криза имаат најмногу потреба од финансиска помош. Во духот на солидарноста, социјалдемократијата, покажавме дека државата се грижи за сите во време на криза, владата е тука да им помогне на граѓаните кога им е најтешко.

Во овој пакет за помош вреден 350 милиони евра, поддршка е обезбедена за пензионерите кои добиваат пензија помала од просечната, за примателите на социјална помош, за стечајните работници и оние со социјална пензија, за самохраните родители.

Ова е втор пакет на мерки, првиот беше вреден 400 милиони евра реализиравме и во првата половина од годината, со што вкупниот износ на помошта за граѓаните и фирмите изнесува над 750 милиони.

Дали тоа е доволно? Секако дека не е и дека треба повеќе, но треба да се има предвид големината на нашата економијаи секако состојбата на Буџетот во време на најголема светска и економска криза каде секоја европска економија е силно погодена.

И во такви околности, ние како држава имаме одвоено најмногу средства за мерки за помош како процент од БДП, споредено со земјите од Западен Балкан.

Речиси пет отсто од БДП одвоивме за пакетите за помош во време на криза, што е многу повеќе од земјите од Западен Балкан и со тоа ја докажуваме нашата посветеност да се грижиме и да помагаме секому во ова време на криза.

Секако дека следуваат мерки за помош и на компаниите, особено оние кои поризведуваат основни продукти како леб, млеко, масло за јадење и слично, а нивната примена како што е најавено ќе започне најдоцна до први декември.

2.​Често вашата партија, СДСМ, ја повикува опозициската ВМРО-ДПМНЕ на конструктивност во време на криза. Претседателот на ВМРО-ДППМНЕ, Христијан Мицкоски излезе јавно со неколку предлог мерки, па дури и со понуда на контакти за набавка на поевтини енергенси. Како гледате вие на ова политички, дали за вас претставува најава за промена на ставот и однесувањето на опозицијата, постепено преминување во конструктивност?
Во период кога пред нас ја имаме најтешката зима во повоена Европа добредојден е ангажман од секој политички и општествен чинител и во таа насока треба да се поздрави тоа што ВМРО-ДПМНЕ барем покажа намера за одредена конструктивност.

Но сепак, таа конструктивност треба да се покаже и на дело, а тоа за жал не го гледаме.

И покрај јавно изразената загриженост, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се откажуваат од блокадите на важни закони. Не може да се блокира Собрание во време на криза а да велите дека сте конструктивни. Тоа не е искрен и не е државнички пристап.

ВМРО ДПМНЕ се уште го блокираат законот со кој се обезбедуваат 100 милиони евра за непречено работење на ЕСМ во време на риза, блокираат и 50 тина други закони кои се важни за граѓаните, важни за енергетиката и напредокот на државата.

И по последните најави гледаме дека Мицкоски нема намера да се откаже од блокадите. Не сакам да звучам грубо но со тоа покажува дека тие немаат искрен пристап и се однесуваат неодговорно и нечесно во време на криза, исто како што се однесуваа и во време на кризата со пандемијата од корона вирусот.

3.​Изминува речиси една година од локалните избори. Како ја оценувате работата на локална власт, на новите градоначалници?
Тоа што граѓаните многу добро го знаат. ВМРО-ДПМНЕ е локална власт во најголемиот број општини но градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ една година ништо не работат, освен што сакаат медари да бидат. Тоа е заклучокот, неработа за рацете во медот, партизирани општини и трошење народни пари на непродуктивни трошоци.

Гледаат граѓаните дека нема ниту еден нов проект започнато, а не пак реализирано, некаде се довршија проекти од претходниците на СДСМ, а некаде тие намерно се запрени или целосно е откажана нивната реализација.

Зошто? За рацете во медот, тендери и провизии.

Наместо пред граѓаните, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ отчет даваат пред својот шеф Мицкоски на партиски настани, Мицкоски е тој кој оди на увиди пред кого реферираат градоначалниците а видовме и дека самиот тој се мешал во јавни набавки. Сево ова потсетува на едно режимско време, кога Груевски беше Алфа Градоначалник односно градоначалник над сите градоначалници. Мицкоски за жал, сеуште живее во тоа време. Ако Груевски беше Алфа, Мицкоски е шпицен градоначлник.

Која мерка за помош на граѓаните во време на криза сте ја слушнале од некој градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ? Нема, само цени на услуги покачуваат. Толку се неспособни медарите од ВМРО-ДПМНЕ што и во Скопје мораше Владата да го преземе парното греење, и да обезбеди парно.

Наместо мерки за помош на граѓаните, во време на криза, градоначалниците преку Советите дополнително удираат врз џебот на граѓаните. Охрид, Штип, Прилеп, Радовиш се само дел од општините кои сериозно ги зголемија комуналните услуги и јавниот превоз.

Токму комуналните претпријатија беа првите кои градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги партизираа и превработија, а сега поради таквата превработеност, граѓаните ќе мора да ја плаќаат неспособноста на директорите и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Сето тоа зборува дека на градоналниците од ВМРО-ДПМНЕ исто како и на партиското раководство не им се важни интересите на граѓаните, туку единствено личните, партиските и бизнис интересите.

4.​Случувањата во Град Скопје на релација ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска предизвикаа бурни реакции во јавноста и силно ја потресоа опозициската партија. Гледавме меѓусебни обвинувања „за раце во медот“ за „миленичиња“ но и оставки на директори на Јавни претпријатија од ВМРО-ДПМНЕ. Како ова ќе се одрази на работата на Советот на град Скопје и каква е позицијата на советничката група на СДСМ?
Кавгите и меѓусебните обвинувања внатре во ВМРО-ДПМНЕ само потврдија дека оваа партија работи единствено за интересите на поединци а никако за интересите на граѓаните. Самите се фатија со рацете во медот, за тендер вреден 136 милиони евра. Нема промена во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата криминална матрица на Белиот дворец.

Тоа е нешто на што ние како партија и пред и по изборите укажувавме постојано и на крајот тоа излезе на површина.

СДСМ во Град Скопје продолжува да дејствува како и досега, како конструктивна опозиција која се бори за интересот на граѓаните, на скопјани.

Советниците од нашата советничка група ќе дадат поддршка на секое предлог решение кое е во интерес на граѓаните и Градот Скопје, но и ќе се борат запрените проекти како што е оној за реконструкција на Универзална сала, мостовите на Љубљанска и булевар АСНОМ да се реализираат, затоа што се започнати, затоа што има обезбедено пари од државниот буџет и секако, затоа што се во насока на иден развој на градот.

5.​Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на партиски настан по повод Денот на народното востание, 11 октомври, рече дека битката на оваа генерација политичари е политичката борба за членство во ЕУ до 2030 година. Зошто сметате дека е изводливо остварување на оваа цел за толку краток период имајќи ги предвид односите со Бугарија?
После 17 години започнавме преговори со ЕУ во мандатот на оваа Влада, и тоа што е важно што започнавме преговори со заштитен македонски јазик и идентитет. Започнатиот скрининг процес, како и последниот Извештај од Европската комисија, каде е нотиран реформскиот напредок на државата кон ЕУ даваат полно право да бидеме уверени дека процесот на пристапување ќе го заокружиме во 2030 година.

Сите расположливи капацитети во нашето општество ќе ги ставиме на располагање за побрзо и поефикасно минување низ поглавјата во преговарачкиот процес.

Но од осбена важност е и усогласувањето на Уставот и законите, за што е потребно соодветно мнозинство во Собранието.

Тука сметаме на сите проевропски чинители во Собранието а такви има и во ВМРО-ДПМНЕ кои ја согледуваат важноста на моментот и историската прилика што нашата држава ја има и уверени сме дека ќе постапат одговорно и ќе дадат поддршка на овие процеси.

Речиси сите партии во своите програми и статути имаат проевропски определби и време е тие заложби да ги покажат и на дело.

Последната вест од Брисел, дека Советот на ЕУ донел одлука да го поддржи Договорот за гранично управување, познат како Фронтекс и тоа на македонски јазик, ги потопува сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот проруски партнер Левица.

Македонија наскоро ќе го потпише својот прв официјалендоговор со Европската унија и тоа на македонски јазик, безкакви било фусноти и дополнителни објаснувања.

Се сеќавате каква хистерија се ширеше, за измислена бугаризација, асимилација, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се симнуваа од телевизиите со изјави за наводнозагрозување на македонскиот јазик и македонскиотидентитет. И сега? Сите лаги им се потопени.

Со одлуката на Советот на ЕУ македонскиот јазик, признаени заштитен на голема врата влегува во Европската унија, зада стане еден од официјалните јазици на големото европскосемејство. На ова сите ние сме горди и треба да бидеме горди. Впрочем ова е уште една потврда дека заклучоците и одлуката што беше донесена во Собранието е исправна и патриотска.

6.​Се најавува ново отворање на бугарски клуб во земјава. Дали сметате дека земјава треба побрзо да интервенира да се спречи отворањето со спорни имиња навреме?
Отворањето клубови со имиња на контроверзни и провокативни историски личности е провокација и ние го осудивме тој чин. Колку и да е тоа обид на групи од двете страни да ги загрозат односите, да создаваат тензии, сепак не е во ред.

Затоа е потребно нов закон кој ќе се најде пред пратениците и кој ќе биде усвоен со огромно мнозинство, за никогаш повеќе да не ни се повторуваат вакви настани низ државата.

Министерството за правда веќе работи на нов закон кој треба да ја регулира оваа тематика. Во меѓувреме формирано е тело кое треба да ја пополни празнината до усвојувањето на новиот закон, за вакви случаи какви што имавме во Охрид а претходно и во Битола веќе никогаш да не се повторат.

7.​Што прави СДСМ на внатрешен план?
СДСМ е во постојан контакт со базата, со членството и со граѓаните.

Преку директен контакт со граѓаните, добиваме насоки и ги градиме нашите следни чекори на дејствување.

Во оние општини каде сме опозиција, преку конструктивност и дијалог предлагаме решенија за граѓаните, онаму каде ги предводиме општините нашите градоначалници и советници ја реализираат програмата и ветувањата пред граѓаните.

На централно ниво продолжуваме со политиките што обезбедуваат помош и поддршка за сите граѓани во време на светска економска и енергетска криза.

Она што треба да се очекува во следниот период е интензивни директни средби со граѓаните во сите општини, кадешто ќе разговараме и за енергетската криза, но и за зголемените пензии и плати. Во кризни времиња, СДСМ докажал, но и продолжува да докажува дека е најдобар и најлојален партнер на граѓаните.