Владата предводена од СДСМ и надлежните институции се посветени на обезбедување доволно енергенси за претстојната зима, изјави пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ.
На прес-конференција Коциќ посочи дека во ек на светска енергетска и економска криза, важно е навремено да се обезбедат доволно енергенси и електрична енергија, но и треба тие да се користат рационално.
„Државата ги користи сите свои енергетски капацитети со цел да се зголеми домашното производство на струја и на тој начин да се намали зависноста од увоз. Покрај унапредување на постоечките, се отвораат и нови енергетски капацитети. Последната од нив е соларната електрана во Амзабегово, Свети Николе, со моќност од 17 мегавати. Електраната се состои од над 31.000 сончеви панели на површина од 300.000 квадратни метри и предвидено производство од 25.000 MWh зелена енергија годишно, што би можела да снабдува над 5.500 македонски домаќинства“, рече Коциќ.
Како што додаде, истовремено, на локацијата на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ веќе работи фотонапонска електрана со моќност од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ.
Во моментот, вели тој, пред почнување со градба се и фотонапонските централи по пат на приватно партнерство со ЕСМ, во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати.
Сето ова, рече Коциќ, се крупни чекори кон сериозно зголемување на електрична енергија од домашни, еколошки извори.
„Граѓаните да бидат спокојни, електрична енергија и енергенси оваа зима ќе има во доволни количини. Владата, државата и натаму ќе субвенционира 80 отсто од сметките за струја за над 600.000 домаќинства и околу 72.000 мали претпријатија. Сите основни и средни училишта се префрлуваат на регулираниот пазар за помали сметки за струја, а поевтина електрична енергија ќе добиваат и здравствените установи“, изјави Коциќ.