23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Од молк до дејствување: Поголемо вклучување на граѓаните и зајакната соработка за поефикасна борба против корупцијата

Подигнување на јавната свест и поттикнување на активистите, новинарите и јавните службеници да создадат модел кој ќе создаде поефикасен начин за борбата против корупцијата, е главна цел на кампањите за борбата против корупцијата. Во таа насока, кампањите за застапување се креативни и конструктивни алатки за мотивирање и вклучување на граѓаните, кои се важни сојузници на јавните институции, невладините организации и медиумите во борбата против корупцијата.

Ова се заклучоците на мастер-класот организиран од Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) на кој, во знак на солидарност за заедничките напори, учество земаа активистите, новинарите и јавни службеници. Во текот на мастер-класот, во насока на создавање на поефикасни начини за пренесување на антикорупциските кампањи на јавноста, беше потенцирана важноста за вклучување на пошироката јавност, особено на младите, како и притисокот од јавноста како суштински сојузници во борбата против корупцијата.

„Соработката меѓу медиумите, граѓанското општество и јавните службеници е клучна за подигнување на јавната свест за опасностите од корупцијата. Оваа соработка придонесува за зголемување на довербата на граѓаните во институционалната борба против корупцијата“, заклучи Марк Ворт, експерт на РАИ за антикорупција и права на укажувачите.

Мастер-класот „Од молк до дејствување“ кој се одржа во Скопје е дел од проектот „Прекин на молкот: зајакнување на политиките и културата на укажување во Западен Балкан и Молдавија“, кој го спроведува РАИ и е финансиран од Европската Унија. Крајната цел на проектот е да се зајакне отпорноста на општествата и нивните администрации кон корупцијата. На денешниот настан претходеа мастер-класови кои беа организираните во Подгорица и Тирана.

„Создавањето кампањи за подигнување на јавната свест е проследено со голема внимание и одговорност за нас што работиме во креативните агенции. Примарната цел е секогаш да се разбуди јавноста со јасно посочување на проблемот преку креативниот концепт. Ова е суштинскиот чекор во едукација на јавноста за важноста на проблемот и за започнување разговор за негово потенцијално решавање“, рече Кенан Курдиќ, „Виа Медиа“, зборувајќи за важноста на информирањето на јавноста за антикорупциските иницијативи преку успешни медиумски кампањи, кои на крајот можат да го мотивираат општеството да дејствува против корупцијата.

Овој проект има за цел да ја информира и едуцира пошироката јавност, особено младите луѓе, за суштинската улога која ја имаат укажувачите во борбата против корупцијата и за правата и заштитата кои можат да им бидат од полза на укажувачите. Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) е единствена меѓувладина организација исклучиво посветена на борбата против корупцијата во Југоисточна Европа. РАИ работи на тоа да ја подобри заштитата на укажувачите преку подобри закони и зајакнување на капацитетите на институциите коишто ги спроведуваат овие закони, во согласност со Директивата на ЕУ за заштита на укажувачите, која е донесена во 2019 година.

Секретаријатот на РАИ работи на тоа да ја подобри и регионалната соработка и напорите во борба против корупцијата преку обезбедување на заедничка платформа за дијалог, размена на знаења и најдобри практики во борбата против корупцијата во Југоисточна Европа.