16.8 C
Скопје
16. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Изложба на Јана Јакимовска во МСУ – Скопје

На 23 септември 2022 во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје ќе се отвори изложбата Ретро: телесни ретроспективи на уметницата Јана Јакимовска. Изложбата е со мултимедијален карактер и опфаќа дела од повеќе рецентни периоди од нејзиното творештво. Ова е 21ва самостојна изложба на Јакимовска и ќе биде отворена до 05 октомври 2022.

„Ретро: телесни ретроспективи е поглед фрлен наназад кон самата себе како човечко суштество, општествено битие, жена, мајка, уметница. Во фокусот на изложбата е телото, но како метафора за човечкото, профаното, нелагодното: телото старее, се дебелее; телото копулира, раѓа; телото крвари, умира; телото треба да се покрие, да се казни. Каде е границата меѓу мене и моето тело? Што е ,јас’, а што телото? Како треба јас и моето тело да се чувствуваме во различни емотивни и општествени контексти? Кому телото му должи, кому му полага одговорност? ,Ретро…’ не претендира да биде ретроспективна изложба бидејќи не е – таа само рециклира и реконтекстуализира некои веќе видени концепти, во обид да одговори на овие прашања.“

Јана Јакимовска, ликовна уметница

„Кај нас, феминизмот во ликовната уметност може да се проследи низ неколку индивидуални ликовни ангажмани кои пристапуваат кон актуелните проблеми со разновидни методолигии и неологизми. Една од најдоследните претставници на оваа струја во македонската современа сцена е секако придонесот на уметницата Јана Јакимовска, која речиси сиот свој визуелен опус од изминати 20 години го посветува кон третирање на разновидни проблеми поврзани со родовата еднаквост и социјалната инклузија на жената во „современото“ и „демократско“ општество. Една од главните карактеристики на феминистичкиот пристап на Јакимовска е вклучување на сите сетила во чинот на гледање и последователно уривање на границата помеѓу субјектот и објектот.“

Ана Франговска, куратор

Јана Јакимовска е родена 1981 во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Освен со сликање се занимава и со дигитална уметност, мурално сликарство, фотографија, инсталации, графички дизајн, илустрација и перформанс. Голем дел од рецентното творештво и’ се занимава со прашањата на телото, сепството, сексуалноста, позицијата на жената во современото општество. Имала 20 самостојни изложби во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово и Штип. Учествувала на преку 80 изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Учествувала на 18 ликовни симпозиуми во Грција, Хрватска, Србија и Македонија. Во моментов е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитет Гоце Делчев во Штип.

Спонзорирано: