17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шаќири: Значително подобрени условите за настава во струшките училишта

„Задоволен сум од начинот на кој функционираат училиштата во Струга. Ја поздравувам неуморната работа на училишните раководства и нивната интензивна соработка со локалната самоуправа, што придонесе за значително подобрување на условите за настава и за квалитетен воспитно-образовен процес“.

Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, при денешната посета на средните училишта „Ибрахим Темо“ и „Нико Нестор“, каде што, како што рече, успешно почна учебната 2022-2023 година како и во сите други училишта во државата.

Министерот потенцира дека инфраструктурните услови во струшките училишта, генерално, се добри, со исклучок на основното училиште „Браќа Миладиновци“ за кое Министерството за образование и наука одлучи целосно да го реконструира во следниот период.

„Образованието е најголемиот влог во иднината на нашите деца и млади, а инвестициите во образовна инфраструктура се еден од трите основни услови за реализирање воспитно-образовен процес, што гради слободни граѓани, ја засилува економијата и ја зацврстува демократијата. Со задоволство информирам дека МОН ќе одвои вкупно 33 милиони денари во 2022 и 2023 година за реконструкција на струшкото основно училиште ‘Браќа Миладиновци’, со што наставниците и учениците ќе добијат темелно реконструирано училиште“, рече Шаќири.