„Основна цел на Отворен Балкан е да покажаме на Европа дека може да соработуваме меѓу себе и тоа да соработуваме меѓу себе на спроведување на четирите слободи на кои се базира ЕУ – слободно движење на капитал, на луѓе, стоки и услуги и мислам дека сме на добар пат тоа да го оствариме“ изјави премиерот Димитар Ковачевски за српската РТС.
Тој додаде дека веќе се потпишани низа на иницијативи за олеснување на тргувањето меѓу земјите, како и договори кои се спроведени во делот на воспоставување на слободно движење, односно само една контрола на фитосанитарните, ветерирарните и другите безбедносни контроли на прехранбените производи.
„Веќе е потпишан договор за интерконекција за националните портали којшто заедно со договорот за признавање на дипломите и со договорот за слободно движење на работниците овозможи без дополнителни процедури денес да можат работниците од трите земји слободно и без административни пречки да работат во компании кои се наоѓаат во земјите од Отворен Балкан“ потенцираше Ковачевски.
Премиерот додаде дека се работи на иницијативи во делот на заеднички настап во областа на културата и низа други области што ќе придонесе за зголемување на проекономската активност, соработката меѓу државите и благосостојбата на граѓаните.