Собранието да ги поддржи заклучоците, Македонци кои говорат македонски јазик во ЕУ. Последниот европски предлог за почеток на преговорите со ЕУ на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции, се наведува во објавата споделена на Фејсбук страницата на партијата НСДП.
„Прво, предлогот јасно го прецизира македонскиот јазик како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија.
Второ, сите билатерални прашања со Бугарија, но и било кои други билатерални прашања со било која друга држава, особено соседна, не се дел од Преговарачката рамка со Брисел.
Трето, со европскиот предлог, се дефинира одржување на првата Меѓувладина конференција веднаш.
Дополнително, во Собранието, пратеничката група на СДСМ, НСДП и другите коалициони партнери, поддржана од пратениците од владејачкото мнозинство, предлага заклучоци за заштита на јазичните, идентитетски, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со ЕУ.
Со овие заклучоци се задолжува Владата на Република Северна Македонија, преку државната делегација за преговори со ЕУ, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската унија.
Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година.
Овие заклучоци ќе бидат задолжителни за актуелната и секоја идна Влада и затоа сега на ред е Собранието.
Сите пратеници да се вклучат во процесот на носењето на заклучоците, да дадат свој придонес во работата на Собранието, водејќи се од стратешките и националните интереси.“, пишува во објавата.
Партијата на пензионерите, Партија за Европска иднина и Обединети за Македонија, преку партиски соопштенија, дадоа зелено светло за прифаќање на францускиот предлог и отпочнување на пристапните преговори за влез на земјата во Европската унија.
Партијата на пензионерите (ПП)
Поаѓајќи од нужноста на потребата за обезбедување на временски разумна перспектива за отпочнување на пристапни преговори за влез на земјата во Европската унија, смета дека новиот Предлог на Француското Претседателство треба да се прифати.
Партијата на пензионерите (ПП), на седница на новоизбраниот Извршен одбор (избран на Конгресот на Партијата на 18.06.2022 година), која се одржа на 02.07.2022 година, по констатирање дека Предлогот на Француското Претседателство е прифатлив, бидејќи не ги оспорува елементарните услови за заштита на македонските државни и национални интереси во процесот на пристапување во ЕУ и бидејќи во дадените крајно сложени околности поради негаторскиот однос на Република Бугарија кој е непроменет повеќе децении, без никакви назнаки дека ќе се промени, како и поради нејзината реално очекувана идна блокада на процесот, едногласно донесе Заклучок со кој го подржа ставот на Претседателот на Партијата на пензионери Илија Николовски нашето државно раководство да го прифати новиот Предлог и на тој начин да се создадат услови да отпочнат пристапните преговори на земјата за влез во ЕУ.
Истовремено ПП преку Претседателот на Партијата, во рамки на коалицијата, ќе иницира во разумен рок, кој нема да овозможи развлекување на процесот за донесување на одлука, Владата и Опозицијата, иако таа го отфрли предлогот, сепак да одржат консултативен состанок на кој, исклучиво и само на оваа тема и секој во рамки на своите одговорности кон македонскиот народ и граѓаните на земјата, јасно, јавно и со преземање на одговорност за иднината на земјата ќе ги аргументираат своите заложби за нивниот програмски деклариран став и заложба за зачленување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Партија за Европска иднина
Партијата за европска иднина (ПЕИ) после 17 години во чекалната на ЕУ, конечно е пред реална можноост да ги отпочнеме преговорите со ЕУ
Партијата за европска иднина смета дека со предлогот на француското претседателство и на Европскста Комисија, Република Северна Македонија, после 17 години во чекалната на ЕУ, конечно е пред реална можноост да ги отпочнеме преговорите со ЕУ.
Тоа е почеток на завршниот процес во кој Македонците со потврден идентитет и со чист македонски јазик, заедно со сите други заедници во земјата, стануваат рамноправен народ со сите останати во европската заедница.
Сега е време на одговорни одлуки и време кога од сите пратеници се очекува да го дадат својот придонес во реализација на втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ.
Обединети за Македонија
Обединети за Македонија: Да продолжиме по европскиот пат како горди Македонци
На вечерашниот состанок на Претседателството на Обединети за Македонија, се донесе одлука за поддршка на т.н. француски предлог за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.
Билатералните прашања не се дел од преговорите. Со самиот предлог, се потврдува македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик. Правото на самоопределување е една од вредностите на Европската Унија.
Затоа, најискрено советуваме, пред да излезете да протестирате, да го прочитате документот кој е јавно достапен и самите да донесете заклучок, дали ќе ја поддржете радикалната левица која шири невистини и идеологија чиишто земји каде е на власт истата, се најниско рангирани во светот, или ќе продолжиме по европскиот пат како горди Македонци.
Но, испраќаме и апел до македонската дипломатија, доколку во иднина не се почитува договореното, да ги прекинеме преговорите на одредено време.
И пратеничките група на СДСМ, НСДП и коалицијата, излегоа со став Собранието да ги поддржи заклучоците, Македонци кои говорат македонски јазик во ЕУ. Последниот европски предлог за почеток на преговорите со ЕУ на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции, се наведува во објавата споделена на Фејсбук страницата на партијата НСДП.
И партиите од албанскиот политички блок, ДУИ, Алијанса за Албанците, Беса и Алтернатива ги поддржуваат заклучоците.