11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Исмајлоска-Старова: ВМРО-ДПМНЕ имаше испреговарано исти услови со Бугарија како оние во францускиот предлог, но им преовлада стравот за личниот рејтинг

Францускиот предлог е нашата конечна шанса за европска интеграција после 17 години чекање и изгубени генерации, смета Нола Исмајлоска Старова, национална координаторка за регионална соработка и европски интеграции во Владата и поранешна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, која во разговор со ЦИВИЛ МЕДИА уверува дека ова е вистинското време да се врати надежта кај македонските граѓани дека како што успеавме да го развиориме македонското знаме во НАТО, ќе успееме и во Европската Унија.

„Македонскиот идентитет и јазик се непроменливи, никој не успеал да ги разниша со векови, а денес во 21 век најдобро ќе ги промовираме со културна дипломатија, креативни проекти и нови македонски успеси на меѓународен план“ – рече Нола Исмајлоска-Старова.
Таа, во разговорот за Цивил Медиа открива важен и, според неа, неспорен факт дека ВМРО-ДПМНЕ постигнала договори под исти услови со Бугарија како оние во францускиот предлог, но дека им преовладал стравот за личниот рејтинг.

„Тимови на ВМРО-ДПМНЕ преговараа и со Бугарија и со Грција, а мои колеги пратеници пред неколку години брифираа дека со Бугарија тогаш сме успеале да испреговараме токму тоа што го вклучуваше португалскиот предлог, односно денешниот француски предлог. Значи, слични или речиси исти услови за компромис со Бугарија договараше и ВМРО-ДПМНЕ, а разликата беше во тоа што претходните градеа наратив кон сопствените поддржувачи дека се непопустливи и кога ќе дојдеше време до конечно решение, личниот и партиски рејтинг им беше поважен од сѐ, па плашејќи се да не изгубат гласови никогаш не собраа храброст да направат одлучувачки чекор во интерес на народот и државата“ – открива Исмајлоска-Старова.
Според неа, преовладало прашањето за тоа како тешките одлуки ќе влијаат на рејтингот на политичарите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Таа верува дека, да не било така, ние одамна ќе бевме земја членка на ЕУ.

„Доколку преовладаше интересот на државата, а не прашањето како тешките одлуки ќе влијаат на рејтингот, убедена сум дека сега ќе бевме земја членка на ЕУ. Не може да заборавиме дека бевме во чекор со Хрватска во интегративниот процес, а денес тие имаат еврокомесари, дел се од Шенген, а ние денес се доведовме во ситуација политичари да одбиваат да почнеме почеток на преговорите со ЕУ, додава Исмајлоска-Старова.
Таа потсетува дека сите кон крајот на 2019 година го слушнавме Мицкоски на средбата со тогашниот премиер Борисов дека го „поткрепи“ договорот за добрососедство, а и неколку изјави дека Преспанскиот договор е реалност. Според неа, почитувањето на тие договори е наша обврска, исто како што е почитувањето и на другите договори кои ги потпишува Владата и дека е нечесно, лаички и неодговорно кон народот – еднаш да се „поткрепуваат“ договорите, а следниот ден да се протестира против нив.

Исмајлоска-Старова во разговорот за Цивил Медиа заклучува дека е пропуштена шанса токму евроатланските интеграции да бидат точката на поврзување меѓу двете најголеми партии, со што би се релаксирале и односите меѓу луѓето кои се со различно политичко убедување.

„Пoлитичарите кои своите кариери ги темелат на постоењето конфликти ја губат смислата на своето постоење со секој македонски успех. Ако не измислеа сега, не знам која по ред наводна ‘борба’ за идентитетот, тие немаше што да друго да му кажат на народот. А кога некој нема политичка идеја за подобро утре на својот народ, посегнува по камења и молотови коктели и си ја урива и пали сопствената држава“ – вели Исмајлоска-Старова во интервјуто за медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Според неа, опозицијата наметнува наратив чија функција е создавање страв, несигурност и сомнеж кај македонските граѓани.

„Тоа е тажно. Тие наметнуваат наратив кој е креиран за создавање страв, несигурност и сомнеж кај македонските граѓани. Затоа ние мора да бидеме гласни, трпеливи и прецизни во своите ставови. Ние треба да се бориме против нивната загрозена кариера со вистината. Време е наместо да креираме имагинарни непријатели, да се бориме со знаење, реформи и успеси. Не можеш да победиш надвор од рингот, а нашиот ринг е токму Европа и Европската Унија. Зошто се плашат од тој ринг?“ – рече Нола Исмајлоска-Старова во интервјуто за Цивил Медиа.

Спонзорирано: