Министерот за правда Никола Тупанчески присуствуваше на Регионалниот форум на тема ,,Хашката конвенција 2019-Очекувања за Западен Балкан”.Во своето обраќање Тупанчески посочи на зголемениот број барања за признавање и извршување на судски одлуки на странски органи од страна на нашите судови и одлуки донесени од домашен суд кои треба да се признаат и извршат во странска држава.,,Правосилните одлуки на странските судови во граѓанските и трговските предмети во Република Северна Македонија можат да бидат признаени под условите пропишани со одредбите од Законот за меѓународно приватно право или со билатералните договори.Во правец на подобрување на правосудната соработка за нас е особено значајна иницијативата за пристапување на земјите од регионот и пошироко кон оваа конвенција”, рече Тупанчески.Министерот за правда се осврна и на прекуграничната соработка во граѓанската и трговската материја кои имаат за цел да создадат подобра правна основа за меѓусебна соработка, подобрување на секојдневниот живот на сите граѓани, физички и правни лица. Како резултат на актуелната општествена динамика, меѓународното приватно право добива на значење повеќе од кога и да е, особено во однос на аспектите на определувањето на меѓународната надлежност, определувањето на меродавното право, признавањето и извршувањето на странските судски одлуки и прекуграничната соработка на надлежните органи.
Министерството за правда презема низа мерки за зголемување на правната сигурност и подобрување на условите на сите чинители во овие комплексни прекугранични односи. Тоа се остварува со неколку пристапи:Прво, со донесувањето на новиот Закон за меѓународно приватно право, значително се подобри и се модернизираше прекуграничната соработка во граѓанската и трговската материја. Второ ,зголемувањето на правната сигурност и предвидливост се гарантира и со повеќе билатерални договори кои нашата држава ги има склучено со повеќе држави од регионот, како и билатерални договори кои согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Северна Македонија се превземени како републички прописи.Трето, Република Северна Македонија има јасна определба, да негува добри односи со Хашката конференција за меѓународно приватно право каде на универзално ниво се врши прогресивната унификација на меѓународното приватно право.