23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЕСМ му понуди 48 евра за мегават-час на „ЕВН хоум“ – 17 отсто повисока цена од актуелната

„ЕВН хоме“ како универзален снабдувач на електрична енергија на денешниот тендер за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2022 добил само една понуда, од АД ЕСМ.

Од таму информираат дека АД ЕСМ како најповолен и единствен понудувач на тендерот преку електронскa аукциja му понудил на „ЕВН хоме“ купопродажна цена на електрична енергија од 48 евра за мегават-час за покривање 100 % од вкупно планираните количини.

„Добиената купопродажна цена 48 еврa за мегават-час за периодот јули-декември 2022 e 17 % повисока од претходната, која беше добиена на последниот тендер на универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2022) кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегават-час за вкупните планирани потреби на ‘ЕВН хоме’ како универзален снабдувач“, се вели, меѓу другото, во соопштението од „ЕВН хоме“.

За цената на електричната енергија на „ЕВН хоме“ во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика.

Цената ќе зависи од повеќе влезни параметри: цената по која АД ЕСМ му ја продава електричната енергија на „ЕВН хоме“, цената на преносниот систем-оператор МЕПСО, цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО, како и цената на дистрибутивниот систем-оператор „Електродистрибуција“.