7.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Условувањето за ЕУ може да прерасне во опасен преседан што ќе стави крај на проширувањето

Се надевам дека следната недела во Брисел, лидерите на Европската Унија, конечно ќе го исполнат сопственото ветување од март 2020-та кога Советот за општи работи едногласно донесе одлука во најбрз можен рок да започнат пристапните преговори со Северна Македонија. Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски по средбата со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во Охрид.

Пендаровски смета дека со пролонгирање на македонските евроинтеграции се разнишува кредибилитетот на Европската унија што истовремено значи и опаѓање на нејзиното влијание меѓу нашите граѓани. Условувањето од страна на земја членка кон земја кандидат за членство од билатерални причини, смета Пендаровски, не само што флагрантно го прекршува ветувањето за европска иднина на земјите од Западен Балкан, туку може и целосно да ја компромитира политиката на проширување и да прерасне во опасен преседан кој ќе стави крај на овој процес.

Според него во овие моменти на војна на континентот, димензијата на процесот на проширувањето е посебно нагласена. Затоа, како што рече Пендаровски, за опстанок на политиката на проширување на Европската унија неопходна е зголемена геополитичка одговорност особено кај земјите членки на Е Унијата.

„Наспроти реалните разочарувања и заморот од чекање за пробив на европскиот пат, за нашата посветеност, меѓу другото, најсилно зборуваат две работи, од една страна, нашето целосно, стопроцентно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и приклучувањето кон сите пакети на санкции кон Руската Федерација, а од друга, Европската Унија и натаму е нашиот далеку најважен трговски партнер, обезбедувајќи поддршка и финансиска помош за спроведување на неопходните реформи“, порача Пендаровски.

Во врска со најновата идеја за поголемо обединување преку новата форма, наречена Европска политичка заедница, Пендаровски заклучи дека е добредојдена секоја иницијатива којашто реално би придонела за откочување или забрзување на интегративниот процес. Сепак, дециден е Пендаровски, таа заедница не ја разбираме како утешна награда, или како компензација за членство, туку само како дополнителен инструмент кој ќе помогне за побрзи интеграции и поголемо единство во Европа.

Одговарајќи на новинарско прашање за францускиот предлог за кревање на ветото што Петков ќе го достави во бугарскиот парламент, Пендаровски рече: „Ние во Скопје немаме видено француски предлог“.

Спонзорирано: