Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар денес оствари средба со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
На тет-а-тет средбата и за време на пленарните разговори на двете делегации, беше изразено заемно задоволство од одличните односи и соработка, меѓу Северна Македонија и Хрватска, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи во 1992 година.
Министрите разменија мислења за европската перспектива на земјите од Западен Балкан и потребата од неодложиво официјализирање на одлуката за почеток на преговори за членство за Северна Македонија и Албанија. Таквиот развој, беше нагласено, добива на значај со геополитичките импликации на украинската криза и потребата од обезбедување на политичка стабилност и предвидлив развој на регионот.
„Хрватска е непосреден сосед на Западен Балкан и освен нашето взаемно пријателство, напредокот на целиот регион претставува интерес и на Хрватска и нејзините граѓани, дотолку повеќе што Хрватска има и длабоки познавања за состојбите и односи во регионот“, истакна Османи по средбата. Во тој контекст, Северна Македонија ја има цврстата и безрезервна поддршка на Хрватска, за што сме особено благодарни.
Се разговараше и за економската соработка, при што беше нагласено дека одличните политички односи не се доволно следени со трговска размена и бизнис соработка меѓу двете земји. Вкупната размена минатата година изнесувала нешто над 220 милиони долари, што е околу 20% повеќе од претходната 2020 година, но недоволно во однос на нашите потенцијали. Како тој процес не би застанал, се прават напори за институционална поддршка, како неодамнешното формирање на Македонско- Хрватскиот бизнис клуб во Загреб.
Во рамките на посетата, двајцата министри потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете министерства во областа на дипломатската едукација, кој дополнително ќе овозможи размена на знаење и искуства меѓу двете институции.
Во вечерните часови во Филхармонија ќе се одржи свечен настан, со концерт на кој ќе учествуваат Мешовитата клапа Филип Девиќ од Хрватска и фолклорни друштва од Северна Македонија – Танец и Албански ансамбл, по што ќе се одржи и прием на кој заеднички ќе биде одбележана 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Хрватска.
На вториот ден од посетата, министерот Радман ќе учествува на втората меѓународна конференција во рамките на Преспа Форум за дијалог што ќе се одржи од 16 до 18 во Охрид.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...