12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНО

Пуштена во употреба новата спортска сала во ОУ „Маршал Тито“ во струмичко Муртино, инвестиција на МОН од 23,5 милиони денари

Нова спортска сала денеска беше пуштена во употреба во струмичко Муртино, а изградена е во склоп на основното училиште „Маршал Тито“. Станува збор за модерен објект од 650 квадратни метри кој е целосно опремен за повеќе спортови како одбојка, ракомет, фудбал, кошарка, пинг понг и гимнастика, а во кој Министерството за образование и наука инвестираше 23,5 милиони денари.

На отворањето на спортската сала присуствуваше министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој рече дека со заокружувањето на оваа инвестиција исполнето е големо ветување кое е од најголем интерес на учениците, за правилно и здраво да се развиваат. Изрази надеж дека токму од ова училиште и спортска сала ќе произлезат многу нови спортисти кои ќе ги бранат боите на националните репрезентативни дресови и ќе бидат дел од големи професионални клубови.

„Верувам дека учениците и наставниците од ова училиште се презадоволни. А секако, и жителите од ова и околните населени места ќе можат да ги почувствуваат благодетите од оваа капитална инвестиција, која се реализира со средства обезбедени преку буџетот на МОН и Банката за развој при советот на Европа која ја поддржува реализацијата на капиталниот проект за изградба и опремување на училишни спортски сали и за реконструкција на постојни училишни објекти“, рече Шаќири.

Министерот информираше дека инвестициските активности на Министерството за образование и наука продолжуваат да се реализираат со забрзана динамика, затоа што, како што рече, нашата намера е што поскоро за што повеќе ученици да обезбедиме услови за образование и за спорт какви што и навистина заслужуваат.

„Во таа насока, само во моментов се градат уште три нови спортски сали, а една наскоро ќе биде започната. Градиме и 5 нови училишни објекти, а повеќе од 40 се реконструираат. Ќе споделам дека само минатата и оваа година во Струмица, со средства на МОН реконструирани се подрачните објекти на основното училиште „Сандо Масев“ во Добрејци и Бањица. Во план за 2022 е предвидена и реконструкција на основното училиште „Гоце Делчев“ во село Вељуса, со цел објектот да стане енергетски ефикасен, како и инвестиција во кровот на основното музичко училиште „Боро Џони“, рече Шаќири, додавајќи дека до 2024 година планирана е и изградба на спортска сала во основното училиште „Сандо Масев“, што ќе биде четврта сала изградена во овој град преку проектот на Министерството за образование и наука.

На пуштањето на спортската сала во ОУ „Маршал Тито“ се обрати и струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов.