25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Маричиќ: 9 Мај нè обврзува да продолжиме да ги негуваме мирот, единството, стабилноста и слободата

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес во видеообраќање со порака за мир, единство, обединетост и солидарност го честита 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

„9 Мај e симбол на херојството и единството на луѓето што ги бранеа своите држави и целиот свет од најголемото зло на минатиот век – фашизмот. Овој историски датум нè предупредува дека злото што го направи фашизмот никогаш не смее да се повтори за доброто на идните генерации. Истовремено, овој датум нè обврзува да продолжиме да ги негуваме вистинските принципи за градење мир, единство, стабилност и слобода“, рече Маричиќ.

Тој потсети дека денес се слави победата на демократијата, европските вредности, толеранцијата и на дијалогот, во исполнувањето на визијата на Роберт Шуман и Жан Моне, како и дека овој ден е можност да им се оддаде почит и да се изрази благодарност за она што Европската Унија го направи во интерес на мирот, стабилноста и развојот на континентот.

„Годинешниот 9 Мај Европа и светот го одбележуваат во услови на безбедносна, економска и енергетска криза и затоа како никогаш досега ни се потребни основите на европските вредности: солидарноста, единството и соработката, посочи“, вицепремиерот Маричиќ.

Според него, сегашните предизвици недвосмислено покажуваат дека проширувањето како најуспешна политика на Европската Унија, сепак е единствениот начин за зајакнување и заштита на безбедноста, мирот и напредокот на Европа, како и дека кохерентната политика на отворени врати ќе се врати високо на агендата на Европската Унија и во периодот што следува ќе даде резултати.

„Наша цел и единствена гаранција за просперитетна иднина на сегашните и идните генерации е Европската Унија. Затоа и остануваме трајно посветени нашата земја да стане полноправна, доверлива и одговорна членка на европското семејство“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ денес и утре е во работна посета на Париз, каде што ќе оствари состаноци со Клемент Бон, државниот секретар за европски прашања на Република Франција, со политичкиот советник за Балканот на претседателот Макрон, Изабел Думонт, и со претседателот на Комитетот за меѓународни прашања и одбрана, Кристијан Камбон.​

Во рамките на посетата Маричиќ ќе биде говорник и на конференцијата „Балкански дијалози“, на која ќе учествуваат високи државни претставници на државите од Западен Балкан и Европа.