Го почитувам синдикалното право на штрајк, но тој треба да биде последен чекор. Социјалниот дијалог ќе продолжи со СОНК за набргу да се најде решение, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири и најави дека денеска или утре ќе закажат средба со синдикатот.
-Ќе повикам во најбрз можен рок да најдеме заеднички договор на овие проблеми и наставата да продолжи. Мислам дека во текот на неделата ќе имаме состаноци и сакам разбирање затоа што штрајкот требаше да биде последен чекор, рече Шаќири при посетата на средното училиште „Владо Тасевски“ каде што се спроведува меѓународно ПИСА-тестирање.
Соопшти дека МОН е во комуникација со директори на сите основни и средни за тоа дали и како се одвива наставата и колку се вклучени во штрајкот, но ќе имаат информации по 14 часот односно по почетокот на втората смена во училиштата.
Во училиштето што го посети, рече дека од вкупниот број 117 вработени, 18 се во штрајк – наставен кадар и технички персонал, дека се во посебна просторија и се одвива наставата.
-Мислам дека во повеќе градови е ваква состојбата. Имам првични информации, но треба да ги потврдам информации од градови каде што имало ученици кои сакале да влезат, но од директорите не биле пуштени во училиштата поради одлука за штрајк. Но ова се првични информации и ќе треба да го потврдам со инспекторатите – просветен и трудов дали докрај се почитува правото на штрајк. Јас го почитувам синдикалното право на штрајк, но социјалниот дијалог продолжува и мислам дека набргу ќе најдеме решение за оваа ситуација, рече Шаќири.
Посочи дека законите за основно и за средно образование не дозволуваат прекин на наставата освен во вонредни ситуации и дека со одлуката за штрајк, се доаѓа во ситуација да се надоместат деновите од учебната година бидејќи веќе беше одложен почетокот на второто полугодие поради состојбата со КОВИД-19.
На прашањето зошто МОН не соопштило во кои училишта ќе нема настава и децата односно нивните родители самите требало да се информираат, Шаќири одговори дека не сакале да се вклучат зашто, како што рече, можеби од СОНК ќе се сфатело дека сакаат да им вршат притисок. Затоа оставиле синдикатот да го менаџира процесот и директорите на училиштата да знаат кој ќе штрајкува. Притоа се заблагодари на наставниците што денеска ги прифатиле децата, иако штрајкуваат.
Шаќири истакна дека од првиот ден се влезени во процесот да се постигне договор и дека сите синдикати, меѓу кои и СОНК, биле вклучени во преговорите за минималната плата. Кога била донесена одлуката за порастот на минималната плата, рече тој, синдикатите биле согласни дека ќе го почитуваат договорот за минимум шест месеци за усогласување на другите плати како што предвидува законот.
-Владата е за тоа просветните работници да земаат поголеми плати и тоа го имаме докажано: во 2018 пет проценти повеќе, во 2019 пет проценти повеќе, 2020 десет проценти повеќе. Ако ги собереме кумулативно, тоа се 21 процент. Во 2020 почна пандемијата, здравствената криза продолжи и со економска, но пак кажуваме дека ќе работиме на решавање на проблемите за наставниците да имаат повисоки плати, додаде министерот за образование и наука.
Инаку штрајкот е евидентен во општини под управа на ВМРО ДПМНЕ, каде многу родители биле згрозени од затворените врати на училиштата без да имаат право да дознаат зошто.