24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Пресечен меѓународен транспорт на марихуана – Наредба за истрага против четири лица

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на СВР Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, од кои тројца косовски и еден македонски државјанин. Постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 3 вв ст.1 од Кривичниот законик.

Осомничените во текот на месец март оваа година неовластено организирале, заради продажба набавиле, држеле и пренесувале наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од 88.150 грама, од Р.Косово до с.Никуштак – кумановско, а потоа до Штип, со намера дрогата да биде пренесена до Р.Турција како крајна дестинација. Косовските државјани, откако неовластено ја набавиле наркотичната дрога и на засега неутврден начин неовластено ја пренеле на територијата на РС Македонија, ја сместиле на засега неутврдена локација во с.Никуштак. Потоа организирале и го ангажирале четвртоосомничениот дрогата неовластено да ја пренесе до Штип, од каде понатаму требало да се транспортира до Р.Турција. За таа цел осомничените косовски државјани, напладне на 30 март на граничниот премин „Блаце“, со возило со германски регистарски таблички, оствариле легален влез во земјава, по што се сретнале со четвртоосомничениот во близина на рафинеријата „ОКТА“ и му дале насоки со возило неовластено да ја пренесе марихуаната од с.Никуштак до Штип.

Четвртоосомничениот со патничко моторно возило со кумановски регистарски таблички се упатил кон с.Никуштак од каде во близина на тамошното училиште се сретнал со повеќе НН лица од кои ја презел марихуаната. Откако ја сместил дрогата во багажниот простор и на задните седишта во возилото, се упатил кон Штип, каде се паркирал на паркинг пред угостителски објект. Во исто време пристигнале и тројцата косовски државјани, двајца од нив се упатиле кон паркингот, а третиот со патничкото моторно возило заминал кон Скопје од каде подоцна на граничниот премин „Блаце“ ја напуштил територијата на РС Македонија.

Во меѓувреме полициските службеници ги забележале тројцата осомничени околу возилото на паркингот и им дале знак да застанат. Двајцата косовски државјани не ја испочитувале наредбата и се дале во бегство, но набргу биле совладани од страна на полициските службеници, па сите тројца затекнати осомничени се лишени од слобода. При прегледот на возилото биле пронајдени вкупно 92 полиетиленски пакувања со растителна материја за која со вештачење е утврдено дека е марихуана во вкупна количина од 88.150 грама.

Тројцата приведени осомничени беа изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. Обвинителот, ценејќи дека се исполнети условите предвидени во Законот за кривична постапка, поднесе Предлог за определување на мерка притвор против сите осомничени лица. Предлогот беше прифатен од страна на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје и на осомничените со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена. Мерката притвор е определена и за третоосомничениот и истата ќе се применува по неговото пронаоѓање.

Акцијата е резултат на претходна меѓуинституционална меѓународна размена на информации на служби за борба против дрога и Одделот за криминалистичка полиција во координација со надлежниот јавен обвинител. Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи продолжува со преземање на интензивни мерки за пронаоѓање на засега непознато лице кое со ТМВ требало да ја преземе наркотичната дрога марихуана од Штип и да ја пренесе до Република Турција.