7. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Пендаровски на трибината „30 години развој на Армијата – формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на трибината „30 години развој на Армијата – формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“, во организација на Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија и Асоцијацијата на здруженијата од сферата на безбедноста, одбраната и меѓународните односи.

На трибината што го означи почетокот на активностите за одбележување на триесетгодишниот јубилеј на Армијата се обратија и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и други говорници.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека Армијата во изминатите 30 години целосно се трансформира и модернизира, стекнуваше искуство и ја одржуваше својата борбена кондиција на многубројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, од Европската Унија, Обединетите нации и од нашите стратешки партнери на билатерална основа.

Пендаровски на трибината упати порака и до целата македонска јавност истакнувајќи дека припадниците на Армијата ќе продолжат со истата посветеност како и досега да ја исполнуваат својата уставна должност да го штитат нашиот територијален интегритет и суверенитет како преуслов за мирот, безбедноста и демократскиот развој на македонското мултиетничко општество.

„Чест ми е да ве поздравам на оваа трибина, со која почнува одбележувањето на големиот јубилеј – 30 години од формирањето на македонската армија. Честа за мене е дотолку поголема бидејќи се обраќам пред ветерани на македонската одбрана, пред офицери и поранешни министри, на кои им била доверена највисоката задача што некој може да ја има во една држава, а тоа е – одбраната на својата земја. Вчера, на 27 март, се навршија точно 30 години од денот кога последниот војник на тогашната ЈНА ја напушти Република Македонија. Тоа значеше дека суверената и независна македонска држава со својата новоформирана Армија ја презеде контролата над целата своја територија, што е основен белег на секоја суверена држава“, истакна Пендаровски.

Потсети дека на тој важен момент му претходеа клучни процеси и настани со стратешко значење.

„Армијата во изминатите 30 години целосно се трансформира. Почнавме скромно, но со огромна волја втемелена врз слободарските традиции на илинденците и на партизаните во антифашистичката борба. Модернизацијата се одвиваше во согласност со стандардите на алијансата фаќајќи го чекорот со најновите трендови во одбраната. Државата вложуваше и во едукацијата на офицерскиот кадар. Голем број од нашите офицери завршуваа школи за национална одбрана во земјите – членки на НАТО, но најголем придонес во таа смисла даде Воената академија ‘Генерал Михајло Апостолски’“, рече Пендаровски.

Додаде дека, за жал, како и пред 30-ина години, Европа и светот повторно влегоа во период на голема неизвесност. По пандемијата, која немаше само здравствени, туку и економски и социјални последици, рече Пендаровски, со руската агресија врз Украина, безбедносната стана истовремено и бегалска, и хуманитарна и енергетска криза.

„Во нашата понова историја сме имале неколку важни стратешки одлуки иако, за жал, многу одлуки беа избрзани и популистички, меѓутоа една од најдобрите одлуки зад која повеќе од три децении стои широк натпартиски и општествен консензус е истрајноста во нашата евро-атлантска ориентација. Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти членството во НАТО претставува важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија“, истакна македонскиот претседател.

Портенцира дека со особено внимание се следат настаните во Украина и во рамките на нашите можности, како членка на НАТО, помагаме во одбраната на демократските вредности на слободниот свет. „Уште од првиот ден ја осудивме агресијата на Русија врз Украина и се солидаризиравме со украинскиот народ и држава. Во исто време, подготвени сме да не дозволиме никакви индиректни влијанија, уште помалку директно инволвирање трети страни кај нас и на тој план сме решени да истраеме“, потенцира Пендаровски.

Можеби ќе ве интересира

Свадба во затворот во Струмица (ФОТО)

ДЕСК

Спасен параглајдеристот кој висеше закачен на дрво високо над 30 метри

ДЕСК

Спасувачка акција на повреден параглајдерист закачен на дрво високо над 30 метри

ДЕСК