Прилепското Основното јавно обвинителство донесе наредба за истражна постапка против две лица – татко и син од селото Десово, општина Долнени, за кои постои сомнение дека сториле кривично дело тешка телесна повреда од член 131 став 4 во врска со став 1 и член 22 од Кривичниот законик.
Како што информираат од Обвинителството, на 19 март, во куќа лоцирана во селото Десово каде што престојувал оштетениот од Кичево, тие најпрвин со него започнале вербална расправија, а потоа и физички се пресметале.
Според првичните сознанија, откако оштетениот му задал неколку удари на првоосомничениот во пределот на главата, тој му возвратил удирајќи го со тупаници, исто така во пределот на главата.
Кога оштетениот паднал, осомничениот продолжил да го удира со тупаници и метално ѓезве во главата и со нозете по целото тело.
Од ударите оштетениот изгубил свест. При тоа првоосомничениот ја напуштил собата, но по кратко време кај оштетениот дошол неговиот син кој физички го нападнал повредениот, удирајќи го со раце по целото тело, насилно го извлекол од собата и во дворното место продолжил да го удира.
Откако двајцата си заминале, оштетениот влегол во собата, легнал на креветот и паднал во кома како последица од здобиените удари со кои му биле нанесени голем број повреди – фрактури и крвавења. Следниот ден, како резултат на задобиените повреди, оштетениот починал.
Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на јавниот обвинител и со решение на осомничените им определил притвор во траење до 30 дена.