Францускиот институт во Скопје, во соработка со Амбасадата на Швајцарија, Амбасадата на Романија и Кинотеката на Северна Македонија, организира Недела на франкофонски филм по повод одбележување на месецот на Франкофонијата.
Официјалното отворање на Неделата на франкофонскиот филм ќе се случи в четврток (24 март), во 20 часот, во Кинотеката, со проекцијата на францускиот филм „Што зборуваме, што правиме“, од 2020 година, на режисерот Емануел Муре.
Настанот ќе го отворат францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и швајцарската амбасадорка Вероник Хулман.
На овој линк може да се погледнат и останатите најавени проекции во рамките на Неделата на франкофонскиот филм.
Сите филмови ќе се прикажуваат со превод на македонски јазик, а за романскиот филм обезбеден е само превод на француски јазик.
Влезници за проекциите се резервираат и се подигнуваат во Кинотеката.