27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Владата: Спречуваме ценовен шок на енергентите со мерките за намалени ДДВ и акцизи

Владата во услови на светска криза и нарушувања на пазарот на храна и енергенти донесе сет од 26 мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и спречување ценовен шок.

Цената на енергентите на нафта и нафтени деривати на светските берзи се менува на дневна основа, појаснуваат од таму, но со одлуките што Владата ги донесе во однос на скалестото намалување на акцизата и намалувањето на ДДВ, како што велат, се спречува ценовен шок. Додаваат дека како резултат на сите преземени мерки на Владата донесени во консултација со сите релевантни општествени фактори, во регионот имаме најниска цена на нафта и нафтени деривати.

„Регулаторната комисија за енергетика ја следи состојбата на дневна основа и цената се определува врз основа на методологија што е пропишана во однос на цената на нафтата и нафтени деривати. Промените на цената на енергентите на светските берзи на дневна основа се резултат на светските случувања, пред сѐ, воената агресија врз Украина, што влијае исклучително негативно и со далекосежни последици не само врз цената на енергентите туку и врз цената на храната и другите основни суровини“, е потенцирано во владината информација.

Во таа насока, се додава дека сите мерки што Владата ги донесе се за справување со овие предизвици и заштита на стандардот на граѓаните. Владата, ресорните министерства и институциите ја следат состојбата и дејствуваат за зачувување на општата благосостојба во услови на светска криза, информираат владините служби.