Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, придружуван од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, прими делегација на Стопанската комора Македонија – Турција, МАТТО, предводени од претседателот на Комората, Ајдован Адемовски.
На средбата Ковачевски ги потврди силните заложби на Владата да се продлабочи економската соработка со Република Турција и посочи дека на Стопанската комора Македонија – Турција, МАТТО, и на компаниите што се нејзини членки гледа како на партнери за остварување на таа цел.
Ковачевски најави дека во неговата агенда посетата на Република Турција е на високо место со цел традиционалното пријателство меѓу двете земји уште поинтензивно да се рефлектира низ зголемување на меѓусебната економската соработка и трговска размена, која сега изнесува над 650 милиони евра.
Ковачевски на средбата рече дека во Северна Македонија веќе работат сериозен број турски компании што им исплаќаат плата на вработените, плаќаат даноци во буџетот и учествуваат во севкупното производство и во извозот и порача дека тоа е добра порака за новите потенцијални инвеститори во Турција да се охрабрат и да дојдат во нашата земја.
На средбата беше најавено дека набргу ќе следува дополнување на планот за економски раст со нови поволности за поддршка на инвестициите, особено во делот на капацитетите од обновливите извори во енергетиката за што веќе постои голем интерес од компаниите од оваа дејност во Турција.