24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Работна посета на Костадиновска-Стојчевска: Значајни инвестиции во националните установи во Струга

Тековните активности, проектите што планираат да ги реализираат во периодот што следува, но и проблемите со кои се соочуваат во текот на своето работење, беа темата на денешната посета на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на националните установи од областа на културата во Струга.

Костадиновска-Стојчевска ги посети Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, музејот „Д-р Никола Незлобински“, како и Националната установа – манифестацијата Струшки вечери на поезијата, каде што годинава се издвоени значителни средства за инвестиции.

Министерката за култура посочи дека двојно се зголемени буџетските средства за финансирање проекти во сите дејности во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, при што се предвидени средства и за целосна реконструкција на платото пред установата, односно пред влезот на летната сцена.

Во музејот „Д-р Никола Незлобински“, кој е еден од најстарите во Југоисточна Европа, годинава со 2,3 милиона денари ќе се осовремени постојната природонаучна поставка, која е единствена по својата содржина. За музејот во Струга се обезбедени средства и за третата фаза од обновата на музејските депоа, како и за презентација на ранохристијанските мозаици од базиликата во с. Октиси од 5 век во новоизградениот објект „Конаци“.

Со два милиона денари ќе се реконструираат покривот и фасадата на објектот „Спомен-дом на браќата Миладиновци“, каде што се наоѓаат работните простории на манифестацијата Струшки вечери на поезијата.

За 61. издание на еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, годинава се издвоени 10 милиони денари, а на Светскиот ден на поезијата ќе биде соопштен и лауреатот на СВП за 2022 година, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“.

Министерката Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство од денешната работна посета на институциите во Струга и истакна дека Министерството за култура и во иднина континуирано ќе продолжи посветено да работи на поддршка на проектите за општо добро на сите граѓани на земјава.