Рускиот претседател Владимир Путин издаде декрет со кој им забранува на руските граѓани да изнесуваат повеќе од 10.000 долари од земјата обидувајќи се да го запре одливот на пари поради санкциите воведени поради руската инвазија на Украина.
Лимитот стапи во сила денеска, а според претседателот Владимир Путин, тој беше воведен поради непријателските потези на САД и другите западни земји, вклучително и санкциите наметнати на неколку руски банки.
Долгите редици пред банкоматите станаа секојдневие во Русија бидејќи граѓаните се обидуваат да подигнат готовина во услови на нагло опаѓање на вредноста на рубљата под влијание на санкциите воведени кон Русија поради нападите врз Украина.
Цените на увозните производи драстично растат и граѓаните се обидуваат да купат артикли, како мобилни телефони, пред да станат прескапи, забележува агенцијата ДПА.
Уредбата за ограничување на износот на девизи од земјата се надоврзува на забрзаните обиди на руските власти да го ограничат силниот одлив на капитал поради санкциите.
Финансиските санкции против Русија вклучуваат ограничување на просторот за маневрирање на руската централна банка за користење девизни и златни резерви и блокирање на пристапот на некои руски банки до глобалниот платен систем SWIFT.
Руската централна банка побара од извозниците да продадат 80 отсто од девизните приходи за да ја поддржат рубљата, која падна на најниско ниво од тргувањето на финансиските пазари на почетокот на оваа недела.
Премиерот Михаил Мишустин исто така во вторникот објави дека Русија привремено ќе ја забрани продажбата на руски имот на странски инвеститори.
„Во сегашната ситуација странските претприемачи се принудени да носат одлуки не врз основа на економски фактори туку на политички притисок“, рече рускиот премиер на владина седница.