25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

(Видео) Владата: Проектот „Терминал за течен гас во Александропулос“ обезбедува долгорочно снабдување со течен гас

Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 14-та владина седница меѓу кои е одлуката на Владата за отпочнување на процесот за потпишување на договорите врзани за проектот Терминал за течен гас во Александропулос, Грција, за што веќе е склучен Mеморандум за разбирање помеѓу АД „ЕСМ“ и „Гастрејд СА“.

„Со овие договори и преземени обврски, Терминалот ќе обезбеди сигурно и долгорочно снабдување со течен гас за потребите на Северна Македонија и е чекор кон реализирање на стратешките цели за енергетска независност на земјава.

Реализацијата на оваа инвестиција потенцијално ќе значи отворање втора рута за снабдување на Северна Македонија со течен гас од други држави, покрај моменталниот снабдувач. Со тоа се очекува да се зголеми капацитетот за дотур на гас во земјава, би влијаело врз либерализацијата на пазарот, а со тоа и врз конкурентноста на цените“, посочија портпаролите.

Владата вчера ја донесе и програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2022 година со која ќе се подобри руралната инфраструктура и пристапот до земјоделските површини.

„Средствата ќе ги користат центрите за развој на планските региони, а избраните проекти е предвидено да се реализираат во рок од 12 месеци од потпишувањето на договорот за финансирање“, беше нагласено на прес-конференцијата.

На неа беше информирано и за разгледаната предлог-структура и акцискиот план за воспоставување на систем за индиректно управување со ИПА средствата.

„Регулативата за имплементација за најновиот инструмент за претпристапна помош од ИПА Програмата 3 за 2022 година ги дефинира следните приоритети: Владеење на правото, фундаментални права и демократија, Добро владеење, усогласување на законодавството, добрососедски односи и стратешка комуникација, Зелена агенда и одржлива поврзаност, Конкурентност и инклузивен раст, како и Територијална и прекугранична соработка.

Дополнително, во рамките на приоритетот „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ предвидени се дополнителни тематски приоритети како, Животна средина и климатски промени и Транспорт, дигитална економија, општество и енергија“, објаснија портпароите.

Владата на вчерашната седница, информираа тие, ја усвои и стратегијата за инклузија на Ромите 2022 -2030 година.

„Овој документ е дел од јавните политики на државата за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница со сите етнички заедници. Стратегијата и инвестирањето во развојот на ромската заедница има долгорочни придобивки и е во согласност со постигнувањето на одржливите развојни цели на Организацијата на Обединетите нации“, беше речено на прес-конференцијата.