Во Кочани приведени се 31 лице, а запечатени три објекти, отако полицијата фатила лица со лажни сертификати, гости без сертификати, но и точење алкохол на малолетници.
Полициската контрола на објектите се случила синоќа во овој град.
Од МВР велат дека како резултат на тие активности, меѓу другото, откриени се 39 лица кои биле во угостителските објекти без поседување на ковид-сертификат, а кај две лица откриени се лажни ковид-сертификати. Затекнати се и 26 малолетници по 12 часот, евидентирани се прекршоци по основ на Законот за пушење, а во еден случај и согласно Законот за оружје, бидејќи кај едно малолетно лице бил пронајден нож.
Воедно, три угостителски објекти се затворени, односно запечатени од страна на ДПИ, поради евидентирани три кривични дела – фалсификување исправа и точење алкохол на малолетно лице, а регистрирани се и 36 прекршоци по разни основи од доменот на работа на ДПИ, ДТИ и УЈП.
Од страна на полициските службници евидентирани се 39 прекршоци по основ на Законот за заштита на населението од заразни болести, 43 прекршоци по основ на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, три по основ на Закон за лична карта, како и 23 прекршоци по однос на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, додека пак, 31 лице се приведени.