Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со шефицата на канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија, Афродита Шаља-Плавјанска, и нејзиниот тим.
На работниот состанок се разговараше за досегашната соработка на УНФПА и Министерството за труд и социјална политика, за идните планови и активности како на централно ниво така и на ниво на работни групи.
„Владата продолжува посветено да работи на исполнување на човековите права, особено на ранливите категории, на зголемување на пристапот до квалитетни услуги, политики што значат поголема грижа и можности за младите во нашата земја. Градиме силно и обединето, кохезивно општество, кое ги почитува достоинството и човековите права и им овозможува еднакви можности и на мажите и на жените во сите сфери на животот како услов за целокупен и одржлив политички, економски, демографски, социјален развој и напредок на земјата“, рече Тренчевска.
На средбата акцентот беше ставен на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жената и семејното насилство, меѓуинституционалната соработка, соработката со граѓанскиот сектор, како и поддршката од агенциите на Обединетите нации во земјата.
Шефицата на УНФПА, Шаља-Плавјанска, потенцира дека реализацијата на проектите од петгодишната програма за Северна Македонија ќе продолжи бидејќи тие се во интерес на сите граѓани, а особено ранливите категории.
Двете соговорнички изразија подготвеност за продолжување на досегашната соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и УНФПА во областа на родово базираното насилство и, генерално, заштита и унапредување на човековите права.
Во согласност со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство Владата формира националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, кое е надлежно и за политиките од областа на родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство.