5.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Ковачевски и Петков задоволни од меѓувладината седница и плановите на петте работни групи

Премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков на прес-конференцијата од крајот на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Бугарија го изразија задоволството од остварениот успех со формализирањето на петте работни групи во повеќе области кои ја поставија основата за заедничката засилена соработка меѓу двете земји во иднина.

„Навистина и јас сум задоволен од денешните состаноци. Имавме пленарна средба, но уште поважно е што самите министри работеа во работни групи на конкретни проекти и идеи коишто треба да се развиваат во наредниот период“, истакна премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција.

Првата група ќе обезбеди соработка во економската област, особено во делот на енергетиката, трговијата, инвестициите, туризмот, земјоделието.

Покрај министрите од економските ресори, оваа група ќе се прошири и со претставници на државни агенции, стопански комори, бизнис-кластери и други засегнати страни. Со тоа ќе се обезбеди сестран пристап за да се искористи нашиот огромен заеднички економски потенцијал.

Втората група ќе ги покрива областите од инфраструктурата, транспортот и другите форми на поврзување.

„Тоа е важно за бизнисот, за граѓаните, за целото општество и претставува клуч за нашата заедничка европска иднина“, рече Ковачевски.

Премиерот уште додаде дека покрај на Коридорот 8, како најголем инфраструктурен проект за поврзување на двете земји, оваа група ќе работи и на отворањето на авионската линија меѓу Скопје и Софија и на олеснување на севкупниот патен транспорт.

Оваа група ќе ја зајакне и соработката во телекомуникациите каде најважен проект е намалувањето на цената на роамингот.

Од третата група која е за европските интеграции и зелените политики се очекува примена на искуството од европските интеграции на Бугарија заради тоа што таа е веќе 15 години членка на ЕУ, а соработката во рамките на науката, културата и образованието преставуваат основа за градење долгорочна доверба меѓу граѓаните на двете земји, како и зближувањето меѓу младите е задача на четвртата група во која ќе членуваат соодветните ресори.

„Предвидено е воспоставување научни конференции, особено во делот на природните науки, каде што ќе може да се унапредува техничкото и знаењето во другите природни науки што многу влијае на развојот на економијата и индустријата“, подвлече Ковачевски.

Петтата група е Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања, а копретседавачите на Комисијата, професорите Ѓоргиев и Димитров оствариле средба за да го потврдат календарот и динамиката на средбите во 2022 година.

Бугарскиот премиер Петков во својата изјава истакна дека заедничката седница ја оценува како исклучително успешна. Во таа насока се потпишаните меморандуми и декларации за соработка кои ја потврдуваат волјата за брзи и квалитетни решенија во различни области за унапредување на вкупните односи меѓу двете земји.

Како посебно важна, Петков ја издвои заложбата двете влади да покренат заедничка иницијатива Коридорот 8 да се врати меѓу приоритетите на ЕУ.

Бугарскиот премиер дополни и дека е значајно што и Историската комисија ја договорила динамиката и календарот за да се затворат прашањата што се отворени подолг период.

Спонзорирано: