Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

СДСМ: Арсовска вдомува кадри на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје

Данела Арсовска и градоначалниците на општините во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ воопшто не се грижат за граѓаните, велат од СДСМ.

„Арсовска тврди дека Градот немал пари да се вклучи во субвенционирањето на цената на топловодна енергија. Владата ќе покрие 80% од разликата меѓу реалната и актуелната цена на парното греење, додека останатите 20 осто треба да ги покрие Град Скопје заедно со општините кои се во состав на Градот. Очигледно Арсовска не планира да даде пари за скопјани да не плаќаат поскапо парно, а годинава ќе потроши 670.000 евра на 109 вработувања на партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје“, реагираат преку писмено соопштение од партијата на власт.

Оценуваат дека ова е последниот доказ кој покажува, како што велат, дека градоначалничката Арсовска не работи за интересите на граѓаните, туку се грижи само за лични и партиски интереси.

„Арсовска го прекина проектот за Бас рапид транзит, поништи оглас за вработување на пожарникари, Управните и надзорните одбори и претпријатија ги полни со партиски кадри, вдомува 109 активисти и членови на ВМРО-ДПМНЕ, а граѓаните ги остава сами да се снаоѓаат во време на криза со топловодна енергија. Арсовска го кочи развојот на Град Скопје и работи спротивно на интересите на граѓаните“, сметаат од СДСМ.

Град Скопје, додаваат од таму, има свој буџет и наместо да бара оправдувања за нејзината неспособност, таа конечно треба да почне да го работи она за што е избрана, да решава проблеми, истакнуваат од СДСМ.