23.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасовски на вработените им ја честиташе Новата 2022: Покажавме дека знаеме, можеме и умееме да испорачаме врвни резултати во полза на граѓаните

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вработените во МВР им ја честиташе Новата 2022 година.

Интегрално ја пренесуваме пораката:

Секоја Нова година е време на прошетки низ нашите животи, просторија по просторија, правејќи преглед на нешта коишто треба да се завршат, пукнатини кои треба да се пополнат, дотраени делчиња на кои треба да им најдеме замена, баласт кој треба да го отстраниме за да направиме простор за новото поглавје кое чека да биде напишано. И, ако појдеме од она што недостига, ставајќи го во преден план МВР, Новата година ќе ја започнеме со 70-иот реконструиран објект и уште неколку во фаза на реализација, како што е Центарот за обука Идризово, Одделот за граѓански работи во МРТВ и изградбата на Полициската станица Аеродром. Во 2022 година ќе биде готов и новиот објект на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, едно летало на МВР ќе го опремиме со најмодерна опрема за комуникација и опрема за гасење пожари, а ќе биде обновен и возниот парк за побезбедно функционирање на полицијата. Годината што е пред нас ќе ја продолжиме и со зголемени плати за 5% и бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа за 2021 година, имплементација на мерките од новиот Колективен договор, скроен согласно потребите на полицијата.

Сепак, можеби оваа година треба да ја прекршиме споменатата традиција, па шетајќи низ одаите на нашите животи на листата – наместо недостатоците – да ги сместиме потенцијалите кои сме ги создале. Во тој случај би добиле една убава слика со реализација на буџетот од 99%, со 69 целосно реконструирани објекти, набавени униформи, исплатени бонус плати, од аспект на реализации: седум сузбиени организирани криминални групи, 16 пресечени меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, одлични резултати во заплената на наркотична дрога во вкупна проценета вредност од 15 милиони евра, повеќекратно зголемување на заплените на оружје, муниција и пиротехнички средства, намалување на бројот на жртвите во сообраќајните несреќи…

Би рекол, многу создадени потенцијали кои ќе нѐ доведат до целосно сообразување со стандардите и нормите на современите и квалитетни европски и светски полициски практики. Бидејќи само така можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето на сите организациони единици на министерството, а во интерес на граѓаните. Притоа, секој од вас даде свој придонес во успешната реализација на целите, задачите и обврските, па оттука можам да изразам задоволство од соработката со вас овие 12 месеци, кога заеднички уште еднаш покажавме дека знаеме, можеме и умееме да испорачаме врвни резултати во полза на граѓаните, на државата.

И уште нешто – дозволете ми да упатам посебна благодарност до сите оние колеги кои во претстојната година ќе го одбележат своето пензионирање, како круна на нивните работни достигнувања. Печатот што го оставиле во полициското работење, во функционирање на МВР ќе остане да се чувствува, а трајните вредности кои ги создале уверен сум дека ќе бидат применети од помладите колеги.

Почитувани колеги,

Нека ви е среќна и бериќетна Новата 2022 година! Ви посакувам на вас и на вашите семејства да сте здрави и живи, среќни и успешни. Притоа, останете фокусирани, негувајте го позитивниот став и со страст работете на остварување на вашите сништа.

Оливер Спасовски
Министер за внатрешни работи