Ние како Влада донесовме важни одлуки за справување со енергетската криза, истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за телевизија Сител.
Тој наведе дека веќе е направен финансиски трансфер на енергетските компании оваа година, оставена е ставка во Буџетот за идната година, при првиот удар на кризата е намалена стапката на ДДВ од 18 на 5 % за електрична енергија и за 45.000 граѓани од ранливи категории се обезбедени по 1.000 денари месечно за покривање на трошоците за електрична енергија и греење.
Сите мерки имаат клучно влијание врз определувањето на цената на електричната енергија да биде на ниво што ќе биде прифатливо, но нема да предизвика ценовен шок за граѓаните, истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека цената не електричната енергија врз основа на инпутите добиени од страна на компаниите производители и дистрибутери на електрична енергија ја одредува Регулаторна комисија за енергетика, меѓутоа врз основа на сите мерки што беа преземени од страна на Министерството за финансии и Владата нема да се случи ценовен шок и нема да има рестрикции.
Ако зборуваме за енергетската криза во македонски контекст фер е да кажеме дека во изминатите 30 години во државата не е инвестирано во ниту еден нов енергетски капацитет, единствено сега имаме нови инвестиции финансирани дел од државниот буџет, дел со јавноприватно партнерство во насока на зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за телевизија Сител.