23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски на средба со амбасадорката Брнз: Мојот принцип е нула толеранција за корупцијата

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз.

Како што информираат од партијата, на средбата се разговарало за повеќе актуелни теми од национален интерес за двете пријателски земји, за евро-аталнските интерграции, за здравствената и енергетската криза, како и за процесите околу формирањето на новата Влада.

Ковачевски истакнал дека како претседател на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада тој ќе се води од принципот нула толеранција за корупција.

„Како претседател на СДСМ и како мандатар за новата влада, ќе се водам исклучиво од принципите на заедништво, одговорност, посветеност и ефикасност, а тоа ќе го барам и од моите соработници. Мојот став и принцип е нула толеранција за корупција на секое ниво, особено за носителите на високи, јавни функции. За таа цел, ќе се посветам на јакнеење на капацитетите на институциите кои се борат против корупцијата. Ефикасно, одговорно и посветено“, посочил Ковачевски.

Во однос на прашањето со Бугарија и евроинтеграцијата, Ковачевски истакнал дека потребно е да се најде заедничко прифатливо решение, со цел да се оттргне блокадата и Северна Македонија конечно да ги започне преговори со ЕУ.

„Ги имаме исполнето сите услови за почеток на преговорите. Остануваме посветени на наоѓање решение со соседна Бугарија за да продолжи нашиот европски пат. По изборот за премиер ќе го поканам господинот Петков да ја посети нашата земја. За нас е најважно да направиме план, заедно со бугарската влада, за отстранување на блокадата час поскоро, секако со заедничко прифатливо решение. Ние треба да останеме посветени и ангажирани во разговорите со искрен пристап. Ако ист таков пристап има и новата бугарска влада, верувам дека е можно да изнајдеме компромис за отворените прашања“, посочил Ковачевски.

Амбасадорката Брнз го честитала изборот за претседател на СДСМ и порачала дека САД продолжуваат да бидат најголемиот стратешки партнер на земјата, како во делот на спроведувањето на реформите, така и во евроинтегративниот процес.