Љубовта и сочувството се потреба, а не луксуз. Тоа сите го знаеме, но не баш често го поврзуваме со политичарите. А токму тоа денеска на дело го покажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на традиционалната предновогодишна средба со децата од ЈУ„25 Мај“ од Скопје во центарот „Ѓорче Петров“. Покрај новогодишните подароци во вид на новогодишни пакетчиња што беа лично обезбедени од припадниците на специјалните единици и двата инвертер клима уреди кои ги обезбеди Министерството за внатрешни работи, што како податок беше споделено и во официјалното соопштение од МВР, сепак дознаваме дека децата биле воодушевени од уште еден предновогодишен гест на Спасовски.
Имено, како што ни открија нивните учителки, поточно воспитувачки тој лично им подарил ваучер во вредност од 120.000 од продавница за бела техника со кој ќе можат да ги набават најпотребните електрични уреди и апарати за домаќинство што ќе им го олеснат секојдневното живеење на децата од оваа установа. Децата со радост им споделиле на воспитувачките дека се пресреќни што Дедо Мраз бил толку дарежлив кон нив годинава, па затоа на средбата ветиле дека ќе бидат добри ученици за да можат да станат полицајци, па дури и специјалци кога ќе пораснат, но и им ги открија и неколкуте новогодишни желби како најдобро би сакале да го искористат тој ваучер, па едни посакале соковник, други тостер и апарат за палачинки, трети нов телевизор и музички систем за да им биде весела новогодишната ноќ.
Секоја чест за министерот Спасовски и за неговата скромност, која претставува доблест впрочем како и дарежливоста што ја покажа, но факт е и дека споделената добрина раѓа нови добрини. Нека овој хуман гест на Спасовски биде поттик за сите нас следната година да ја направиме поубава, подарежлива и похумана за сите.