25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев, Вучиќ и Рама ја повикаа Европската Унија да ја поддржи иницијативата „Отворен Балкан“

Македонскиот премиер Зоран Заев, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама ја повикаа Европската Унија да ја поддржи иницијативата „Отворен Балкан“ и изразија надеж дека новата германска влада ќе ја поддржи истата како придонес за Берлинскиот процес.

„Нашата иницијатива ‘Отворен Балкан’ е голем чекор кон членството во ЕУ. ЕУ треба да ја поддржи“, напишаа Заев, Вучиќ и Рама во заедничката статија за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Во написот се оценува дека Европа е континент, но и визија и дека граѓаните на Западен Балкан, како важен дел од тој континент и таа визија, предолго се оставени да стојат пред вратата на ЕУ.

„Желбата на нашиот народ да биде примен постојано се поништува поради внатрешните политики на земјите членки, неисполнувањето на ветувањата и стравот од иднината, што доведе до разочарување, нестабилност, иселување. Ние како политички одговорни, можеме да се жалиме или да направиме нешто против тоа. Се одлучивме за второто“, изјавија Вучиќ, Рама и Заев.

Тие напишаа дека нивната визија е да ги надминат социјалните, економските и трговските бариери кои го попречуваат економскиот раст на регионот, преку имплементација на четири европски слободи во нивните земји.

Тоа се, како што се објаснува, слободното движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, што може да ја поттикне соработката, трговијата и растот и да му го олесни животот на секој поединец во нашето соседство.

„Иако иницијативата ‘Отворен Балкан’ моментално ги вклучува само Србија, Албанија и Северна Македонија, таа е отворена за сите земји од Западен Балкан. Ја користиме оваа пригода уште еднаш да ги поканиме сите наши соседи да се придружат и да им ги понудат на своите жители поволностите што ги нудиме на нашите луѓе“, напишаа Заев, Вучиќ и Рама.

Авторите на написот изјавија дека како одговорни политичари не можат да дозволат регионот, кој многумина го критикуваат дека е како буре барут на Европа, да се врати во кошмарите од минатото, во време кога ЕУ не може да направи повеќе за своето проширување.

„Има разлики меѓу нас, не се согласуваме за некои политички прашања, но се согласуваме дека економијата и четирите европски слободи се патот кој носи надеж и траен мир во регионот“, напишаа Вучиќ, Рама и Заев.

Тие изразија надеж дека новата германска влада ќе ја прифати и поддржи иницијативата „Отворен Балкан“ како придонес за целосно спроведување на Берлинскиот процес и заклучија дека сега целата ЕУ треба да се приклучи на целосната поддршка за таа иницијатива.