12.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев, Вучиќ и Рама ги поканија земјите од регионот да се приклучат кон „Отворен Балкан“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама ги поканија и другите држави од Западен Балкан да се приклучат кон иницијативата „Отворен Балкан“.

Повикот на тројцата лидери доаѓа два дена пред нивната нова средба во Тирана.

„Иако Иницијативата Отворен Балкан досега ги опфаќаше само Србија, Албанија и Северна Македонија, таа беше и ќе биде отворена за сите членки на Западен Балкан. Ја користиме оваа прилика да ги повикаме сите наши соседи да се здружат за да понудат придобивки за нивните граѓани“, се вели во заедничкото писмо на тројцата лидери пред средбата во Тирана на 20 и 21 декември.

Потсетуваат дека преку слободното движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, соработката може да го поттикне трговскиот и економскиот раст со цел да се олесни животот на сите.

„Честопати обвинети дека сме ‘буре барут’ на Европа, ние како одговорни лидери не можеме да дозволиме нашиот регион да се врати во кошмарите од минатото сè додека ЕУ не успее да направи повеќе за да се прошири во оваа фаза. Имаме свои поделби, не се согласуваме за некои политички прашања, но сите се согласуваме дека економијата и четирите основни слободи на ЕУ се најдобриот начин да му дадеме надеж на нашиот регион за траен мир“, велат Вучиќ, Рама и Заев во писмото што го објавија медиумите во Тирана.

Објаснуваат дека „Отворениот Балкан“ не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку голем чекор кон тоа.

„Како и Заедницата за јаглен и челик која му претходеше на раѓањето на Европската унија по Втората светска војна, така и „Отворениот Балкан“ ќе остане запаметен како момент што ги приближи нашите народи до Европската унија и полноправното членство во најголемиот светски трговски блок“, велат политичките лидери во отвореното писмо.

Се очекува на претстојната средба во Тирана да потпишат меморандум за разбирање во врска со работните дозволи. Тој договор би значел дека работната дозвола издадена во која било од овие три земји важи за сите членки на иницијативата – Србија, Северна Македонија и Албанија.

Иницијативата „Отворен Балкан“ во моментов не е поддржана од властите во Сараево, Подгорица и Приштина.

Спонзорирано: