25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Синдикатите предлагаат минималната плата од 1 јануари да изнесува 18 илјади денари

Сојузот на синдикатите на Македонија предлага минималната плата во бруто износ започнувајќи од јануари да изнесува 26.476 денари или во нето износ 18.000 денари.

Сојузот до Министерството за труд и социјална политика и Координаторите на пратеничките групи во Собранието достави Предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата. Во предлогот се бара висината на минималната плата да не може да биде пониска од 60 проценти од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци, а објавена од Државен завод за статистика.

Синдикатите предлагаат и платите на сите работници да се усогласуваат со порастот на минималната плата согласно измените и дополнувањата на Законот за минимална плата, согласно Закон и колективен договор со што спирално ќе се зголемат платите на останатите работници.

„Покачувањето на минималната плата од нејзиното воведување по предлог на ССМ, до денес немало негативен ефект врз фирмите Државата. Тоа не довело до отпуштање на работници, ниту до кратење на нивните плати. Довело само до повисока продуктивност, поради поголемата мотивација на работниците. Минималната плата спречува работниците да добиваат многу ниска плата и да живеат во сиромаштија, а очекувањата на работниците од пратениците се да работат во интерес на оние кои што ги бираат, а Сојузот на синдикатите на Македонија ќе продолжи со подготовките преку штрајкувачките одбори и во зависност од резултатите и брзината на преговорите помеѓу ССМ, Собранието, работодавачите и Владата, а доколку нема резултат ССМ ќе повика на Генерален Штрајк кој ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок“, образложија синдикатите.