25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев – Ахмети – Ковачевски: Владата има капацитет да ги решава предизвиците со Бугарија, избори во 2024 година

Претседателот на Владата, Зоран Заев, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, попладнево имаа работна средба заедно со своите тимови во рамките на консултативните средби за владините приоритети, за преземањето одговорности и за одржувањето и надградувањето на владиното и на парламентарното мнозинство.

На средбата беше потврдено дека исполнета е целта да се обезбедат стабилна влада и стабилно парламентарно мнозинство, кои дејствуваат исклучиво во интерес на граѓаните и во интерес на државните интереси.

Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евро-атлантскиот пат и дека целта е првиот голем успех на владата да биде наоѓањето решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во Европската Унија.

Тројцата заклучија дека следните парламентарни избори очекувано е да бидат редовни и да се одржат во 2024 година, а до тогаш владата ќе испорача економски резултати, брзи и квалитетни услуги кон граѓаните и успешно справување со пандемиската и со енергетската криза.