23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Во наградниот предизвик на НЛБ Банка училиштата собраа речиси 10 тони пластична амбалажа за рециклирање

Во наградниот предизвик за собирање на пластична амбалажа за рециклирање, кој НЛБ Банка Скопје го организираше по повод „Месецот на штедење“, основните училишта ширум земјата собраа речиси 10 тони пластика која понатаму е испратена на рециклирање.

Во едномесечната акција на НЛБ Банка Скопје, која се одвиваше од 27. септември до 25. октомври 2021, се вклучија вкупно 70 училишта на територијата на целата земја, од кои 34 во Скопје, а 36 во останатите градови ширум државата. Акцијата во Скопје се реализираше во соработка со Пакомак, а во градовите низ земјата со поддршка на локални постапувачи со отпад и јавните комунални претпријатија кои беа задолжени за мерење на собраниот отпад и транспорт до колективните центри за складирање и рециклажа.

Трите основни училишта кои во текот на акцијата собраа најмногу пластичен отпад, НЛБ Банка Скопје ги наградува со парични средства наменети за унапредување на условите во училиштето и наставно-образовниот процес. Согласно евиденцијата на количина собрана пластика, првата награда во висина од 3.000 евра ја доби ОУ „Кирил и Методиј“ од Кочани, со собрани 930 кг., втората награда од 2.000 евра ја доби ОУ „Тошо Велков Пепето“ од Кавадарци, со собрани 705 кг, а третата награда од 1.000 евра е доделена на ОУ „Блаже Коневски“ од Велес, со собрани 584 кг. пластика.

Годинава, НЛБ Банка одбележа 10 години од отпочнување на проектот „НЛБ Месец на штедење“, посветувајќи го јубилејот на темата „Да ја сочуваме нашата планета“, што во целост кореспондира со заложбите и активностите на Банката за општествено одговорно делување, заштита на животна средина и одржлив развој. Една од целите во годинешната акција беше да се сврти вниманието на јавноста колку е важно децата уште од најрана возраст да научат да селектираат отпад и да рециклираат и на тој начин да придонесат кон зачувување на животната средина и природните ресурси.

НЛБ Банка Скопје изразува благодарност до сите основни училишта и учениците кои се вклучија во акцијата и со својот придонес помогнаа во остварување на овој извонреден резултат – селектирани и рециклирани речиси 10 тони пластика. За илустрација, се проценува дека со рециклирање на еден тон пластика се заштедуваат 7.200 киловат часови електрична енергија, што е доволно за нормално функционирање на едно просечно домаќинство цели седум месеци. Инаку, според статистиките, во светот на годишно ниво се генерираат околу 30 милиони пластичен отпад, што претставува повеќе од 12% од целокупното количество цврст отпад, а за да се разгради пластиката, потребни се од 500 до 1000 години. Со рециклирање на пластика се заштедува 80% од вкупната енергија која се користи за производството на нови пластични производи, процес кој е еколошки штетен заради употребата на нафта и други фосилни горива.

Списокот на основните училишта и резултатите од акцијата се објавени на веб-страницата на НЛБ Банка Скопје.

Спонзорирано: