13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Член на Европската централна банка бара да се воведе дигитално евро

Европската централна банка (ЕЦБ) треба да воведе дигитално евро бидејќи целосното препуштање на дигиталните валути на иницијативите на приватниот сектор може да ја загрози финансиската стабилност и да ја ослаби улогата на Централната банка, изјави денеска членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Фабио Панета.

ЕЦБ работи на дизајнирање дигитална валута, која би била дистрибуирана директно од Централната банка на барање на банките, како што е тоа случај со готовината, но проектот би можел да потрае уште околу пет години пред всушност да биде лансиран.

„Како што поштенската марка изгуби на употребливост со појавата на интернетот и електронската пошта, така и готовината може да ја изгуби својата важност во сè подигиталната економија“, рече Панета.

Тој додаде дека доколку ова сценарио се оствари, тоа ќе ја ослаби вредноста на парите на Централната банка како монетарно сидро.

Панета ги отфрли аргументите дека т.н. стејблкоини од приватниот сектор, тип на криптовалута што обично се врзува за некоја традиционалната цврста валута за да се зачува вредноста, ги прави излишни дигиталните пари од Централната банка велејќи дека приватните иницијативи носат својствен ризик, кој често се зголемува во време на криза.

„Историјата покажува дека финансиската стабилност и довербата на јавноста кога се во прашање парите бараат државна валута, која е во широка употреба“, рече тој.

За да функционираат дигиталните пари на Централната банка, тие мора да бидат широко користени за луѓето постојано да бидат свесни дека оваа опција е исто така на маса.

„За таа цел, дигиталното евро треба да биде дизајнирано на начин што ќе го направи доволно привлечно за да биде широко прифатено како платежно средство и на начин што истовремено ќе го спречи да стане толку успешно до ниво што ќе ги истисние приватните пари и ќе го зголеми ризикот од банкрот“, заклучи Панета.

Спонзорирано: