Доколку сакаме младите да ги мотивираме да бидат општествено активни, како и да гласаат на изборите, основно е да ја прифатиме речиси неограничената слобода која тие денес можат да ја имаат – истакна комуникологот Бојан Кордалов во петтата епизода од подкастот „Европски муабети“ кој е организиран од страна на Младинскиот сојуз, а во соработка со Europe House – Скопје, како и со поддршка од Делегацијата на Европската Унија. Модераторка на оваа епизода е Нина Јовановска.
„Таа слобода произлегува од речиси неограничените можности кои дигитализацијата и интернетот им ги овозможуваат на сите, а особено на младите луѓе: работа и учење од дома, соработка со компании кои се оддалечени илјадници километри преку користење на дигиталните платформи… И затоа е денес тешко на една млада личност да и објасните зошто не е возможно ако денес сака да работи од дома или од парк на пример. Или, пак, дека работата единствено може и мора да ја заврши во одредено време од денот, пример од 7 до 15 часот. Едноставно, тоа е тешко бидејќи слободата што интернетот ја дава не ги наметнува ваквите ограничувања, односно овозможува пристап до учење, работа и каква било комуникација на флексибилен начин, особено во планирањето на секој на своето време во текот на денот.“, вели Кордалов.
Тој смета дека проблемот со недовербата од страна на општеството кон младите луѓе и нивното третирање дека се само достојни да слушаат, да бидат нечии калфи или записничари, односно дека ги бидува само за купување на појадок и варење на кафе веќе си го зема својот данок.
„Дебатите за тоа дали е некој млад или возрасен мора да ги замениме со комуникација дали е некој способен или не. Денес младите немаат време, како ние пред децении, до бескрај да се докажуваат дека вредат. Од една едноставна причина што регионот, Европа и светот им се целосно отворени и достапни, па и со првото разочарување може и најчесто избираат да си заминат оттука. Ако сакаме здраво и демократски општество мора да ги поттикнуваме младите да размислуваат критички, да бидат љубопитни и да ги предизвикуваат авторитетите. Бидејќи доколку не создадеме целосно демократско општество, тогаш младите никогаш нема да добијат вистинска шанса. Со младите општеството не смее да комуницира со наратив кој и понатаму само ги учи и им наредува како треба да постапуваат, да се однесуваат и како да мислат. Од едноставна причина што младите имаат право да се обидат и да погрешат. Бидејќи ако не погрешите кога сте млади, кога?“, прашува Кордалов во подкастот на Младински сојуз.
Комуникологот истакнува дека најголемото прашање не е иселувањето на младите, иако според него тоа е огромен проблем. Многу поголем предизвик за целото општество е фактот што на сите релевантни истражувања, речиси и да не постои млада личност која перспективата ја гледа во својата земја. Затоа, вели Кордалов, ни требаат активни млади луѓе не значи само во политиката, туку и во граѓанскиот сектор, неформалното образование, културата, спортот и слично. Како пример за политичко учество и активизам тој ги посочува и театарската претстава или некој младински подкаст или видео производ преку кој младите изразуваат критика или афирмација на одредени општествени појави.
„Мора да им помогнеме и овозможиме младите да си ја најдат својата перспектива. А, таа во огромна мера веќе ја лоцираат во дигиталните вештини. Имено, според македонската статистика, просечната плата во ИТ индустријата достигна неверојатни 73.800 денари или нешто повеќе од 1.200 евра. Ако како општество им мислиме добро на нашите млади, ако сакаме денешните генерации млади да не ги живеат проблемите на денешницата како што се предизвиците поврзани со ниски плати, егзистенцијални проблеми и апатичност, мора да ги оставиме да го трасираат својот пат и да вложуваат во дигиталните вештини“, посочи комуникологот Бојан Кордалов, кој од неодамна беше избран и за претседател на Советот за дигитална трансформација на Западен Балкан при германскиот Институт Хајделберг со седиште во Скопје.
Секој млад човек кој избира да биде општествено неактивен, е поподложен на негативни појави како теории на заговор или лажни вести, посочува Кордалов.
„Но, најлесно е со прст да покажеме кон младите и да кажеме дека тие се виновни бидејќи избираат да не се вклучуваат. Меѓутоа, повеќе немаме простор за вакво алиби бидејќи тоа е неточно. Главното прашање е што ние како општество правиме за младите? Како комуницираме со нив и колку слобода им оставаме да го креираат општеството како рамноправни чинители во него. Бидејќи не може една личност на 18 или 20 години да биде виновна зошто не гледа алтернатива во некоја од политичките и партиските понуди на изборите, освен ако тие навистина не се дел од понудата на политичките партии. Дополнително, со ваква комуникација каква што минатите децении имаат политичките партии меѓу себе и со граѓаните, дополнително се засилува севкупната апатија, вклучително и желбата на младите да не бидат општествено активни“, истакнува Кордалов во подкастот „Европски муабети“ кој го модерира Нина Јовановска од Младинскиот сојуз.
Ако сакаме да бараме решија за проблемите и се што ги засегаат младите луѓе, мора да ги вклучиме нив. На пример, доколку нешто ги засега средношколците, ќе ги прашаме токму средношкоците за да одлучат за најдобрите решенија итн. Ние можеме да бидеме само поддршка на процесот и да модерираме, но не и да го водиме главниот збор и да одлучуваме во нивно име. Истото треба да се случува и кога сакаме да ги адресираме предизвиците поврзани со родовата еднаквост.
Комуникологот Бојан Кордалов нагласува и дека колку повеќе се гушат амбициите на младите луѓе и им се уништува ентузијазмот, толку побрзо ќе останеме земја на пензионери и администрација.
„За жал, станува евидентно дека политичарите не се воопшто подготвени да ја отстапат сцената на младите, иако неизбежно е да прифатат дека дел од сцената мора да се отстапи на сите, бидејќи таа сцена еднакво и припаѓа на секоја група. Ако сакаме да бидеме дел од општество каде секој се чувствува добредојден, мора да прифатиме дека нема простор за ексклузивитет. На крајот на краиштата, да ве запрашам колку беа младите или жените застапени на листите за градоначалници и советници на овие избори? Одговорот на ова прашање мислам дека е најсоодветен кога анализираме зошто се поголем број на млади луѓе избираат да бидат општествено неактивни и веруваат дека е полесно да ја заменат државата, отколку да влијаат за промени во функционирањето на целото македонско општество“, посочува Кордалов.
Тој истакнува дека не се потребни политички подмладоци кои ќе изгледаат и ќе звучат како своите лидери и сениори во партиите.
„Подмладоците во секоја партија во светот постојат за да донесат нова енергија, за да го поврзат денешното со идното време, да ги променат работите. Треба микс на политичката и општествената сцена од сите групи. Само на тој начин можеме да направиме за неколку децении инклузивно општество по урнек на скандинавските. Ако немате инклузивно општество, не можете да напредувате. Погледнете ги најмоќните и најбогатите демократски држави. Тие се микс од многу групи, религии, етникуми и токму тоа е рецептот за нивната успешност – бидејќи даваат шанса за секоја личност, не дискриминираат и не стигматизираат, односно гледаат да го извлечат потенцијалот кој буквално секој млад човек го има.“, вели комуникологот во рамки на подкастот.
Кордалов предупредува дека е неопходно да се држиме до демократијата бидејќи слободата и изборот немаат цена. Токму пандемијата ни покажа како изгледа ограничувањето на овие две работи. Ако ова не ни е основна лекција за да ја чуваме и унапредуваме демократијата, тогаш друга шанса нема да добиеме – смета тој.
Неговата финална порака до младите, особено до оние кои за прв пат гласаат е дека ако сакаат да ги подобруваат работите во образованието, екологијата, условите за младите и слично мора постојано да прават избор. Но, правење избор не подразбира само каква облека ќе носиме, каков телефон ќе имаме или каде ќе излегуваме и патуваме денес, туку започнува со гласањето на денот на изборите, заклучува Кордалов.
Инаку, серијата подкасти со наслов „Европски муабети“ се организирани од страна на Младинскиот совет, во соработка со Europe House – Скопје и со поддршка од Делегацијата на Европската Унија.
Целото видео од подкастот е достапно на следниот линк: