Европската Унија изневери многу држави, но една речиси уништи. Неспорно е дека за евентуални нови тензии во државата и политичката нестабилност одговорноста ја сноси и Европската Унија, пишува денеска „Јутарњи лист” коментирајќи ја оставката на премиерот Зоран Заев по одржаниот втор круг локални избори во неделата.
Весникот наведува дека ЕУ веќе два дена не реагира на новонастанатата ситуација во Северна Македонија.
– Може да се разбере и ставот дека не коментираат резултати од избори, особено локални. Но оставката на премиерот ја менува целокупната политичка ситуација не само во Македонија, туку и пошироко, пишува „Јутарњи”.
– Претседателот на Владата на Македонија, односно Северна Македонија (таа држава беше принудена да го промени и името во надеж дека ќе се отворат вратите за интеграција во ЕУ), Зоран Заев, поднесе оставка откако неговата партија доживеа тежок пораз на локалните избори. На прв поглед тоа се чини како разумен чин, доказ за чувството за одговорност за неуспех, што и не е некоја карактеристика на политичарите на Балканот. Лидерот на партијата е најзаслужен кога се победува, но и најодговорен кога се губи. Но оставката на Заев има значително поширок контекст, оценува „Јутарњи лист”.
Весникот додава дека оставката доаѓа во време кога на С Македонија уште еднаш ѝ е блокиран патот кон ЕУ. Овојпат, тоа го стори Бугарија со која се спорат околу идентитетски прашања, вклучувајќи ја и етничката припадност на некои историски личности. На пример дали Гоце Делчев е Македонец или Бугарин.
– Одговорот на ова прашање во моментов е најголема пречка во процесот на проширување на ЕУ. Не само за Северна Македонија туку и за Албанија, бидејќи ако Бугарија ја блокира Македонија, тогаш некои други држави не се согласуваат пристапните преговори да се отворат со Албанија. И така целиот процес стои, коментира „Јутарњи”.
Реформската Влада на Зоран Заев, продолжува весникот, противниците ја обвинуваа за издавање на националните интереси и таа Влада во надеж дека со тоа ќе ја отстрани последната пречка на патот кон ЕУ, се согласи на промена на името на државата. – И навистина, Грција ја отстрани својата блокада, меѓутоа, после тоа, следеше блокадата од страна на Бугарија, и ако е за верување на Брисел, спорот со Бугарија е единствена пречка, оценува весникот.
Тешко е да се верува, коментира натаму „Јутарњи” дека самата Бугарија би можела да го спречи отворањето преговори на ЕУ со Северна Македонија, што е само прв чекор на долгиот пат кон интеграцијата, да немаше премолчена согласност од некои други држави.
– Ако на Германија и на Франција навистина им значеше да дојде до отворање на преговорите, тоа и ќе се случеше. Ќе се најдеше начин да се одоброволи Бугарија сега да се отворат преговорите, а во текот на процесот да се решат отворените прашања, пишува весникот.
– Ниту еден компромис за 15 години не беше доволен ЕУ да го исполни ветувањето. Значи, жртвата која Владата на Зоран Заев ја поднесе беше залудна. На тој начин ЕУ ја остави Македонија на цедило, ги изневери очекувањата и не ги исполни не само ветувањата, туку и јасните обврски. ЕУ досега разочара и други држави, но ниту една како Северна Македонија. Во почетокот на 21 век, Македонија беше првата од државите од регионот на патот кон ЕУ, пред Хрватска. Прва имаше склучено Спогодба за стабилизација и асоцијација. И додека Хрватска го заврши патот кон членството и влезе во ЕУ пред повеќе од осум години, сега С Македонија се уште чека на првиот чекор, отворање на преговори, наведува „Јутарњи”.
Се отвора прашањето, додава весникот, дали досегашната коалиција ќе продолжи да владее со нов премиер или ќе се оди повторно на нови избори. – Избори ќе има и во Бугарија, трети вонредни, а по нив тешко дека ќе има решение за спорот со Северна Македонија. Ќе биде уште потешко ако има нови избори во Македонија. Притоа, меѓуетничките односи во Македонија се сè уште чувствителни, коментира „Јутарњи”.
– Европската Унија досега побара од Македонија, но и од сите земји кандидати или потенцијални кандидати, реформи, борба против корупцијата и исполнување други услови. Во меѓувреме, поранешниот македонски премиер Никола Груевски, обвинет за корупција, доби азил во ЕУ, од каде што доаѓа актуелниот комесар за проширување. Има многу апсурди во односите меѓу Европската Унија и Северна Македонија. Но, несомнено е дека за евентуални нови тензии во земјата и за политичката нестабилност одговорност сноси и Европската Унија, заклучува „Јутарњи лист”.