Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, одржа серија на маалски средби со граѓаните на општина Центар. На повеќе локации Заев ја испрати истата порака за обединување за бројот 12 за Петре Шилегов и за Горан Герасимовски.
„Важно е секое маало, важна е секоја педа од Скопје да продолжи да се развива модернистички, а не со барок, споменици, не со шмизли, не со музеи секакви. Важно е да се развива за граѓаните, за младите луѓе да ни останат тука, тука да работат. Затоа Скопје ќе продолжи по патот по којшто тргна. А овој пат, јас сум убеден дека ќе победиме овде во Центар со повеќе од 5.000 гласа и за вашиот иден градоначалник Горан Герасимовски и за Петре Шилегов. Затоа што имате добри луѓе за кандидати, луѓе кои се добро упатени, добро поврзани и со централната власт, ги знаат во детали сите проблеми. Имаат големи дела позади себе, еве ова навистина големо здание ја дига материјалната вредност на имотот на цело Крњево, на сите жители кои се овде, го менува животот, го европеизира животот и тоа е само најголемиот доказ колку сме ние поразлични од нив“, рече претседателот на СДСМ.
Заев се осврна и на Данела Арсовска, коментирајќи дека бегството од дебата во целиот изборен период потсетува на најтемните времиња на режимот на Груевски од соочување со фактите. Притоа тој рече:
„Жално е што овие денови се обидуваат да го потценат, да го излажат и изманипулираат нашиот народ. Зборуваше Петре, ние немаме проблем како се изјаснува граѓаните во својата определба , дали Данела се чувствува Бугарка или не, ние сме лидери на едно општество за сите, секој може да биде кандидат во оваа држава. Но, да го лажеш својот народ и да манипулираш во камери, ја прашуваат – ‘Кажете, кажете дали е вистина или не?’ Таа – ‘Тужба ќе ви поднесам’. Кога, в понеделник? В среда? В понеделник ќе ја заборавиме веќе Данела Арсовска, тоа е јасно на сите.“
Заев беше и помеѓу жителите на општина Чучер-Сандево. Во обраќањето повика да се обединат граѓаните за да продолжи државата по патот на напредокот, прогресот и европеизацијата.
„Владата покажа сериозна респонзивност, секој пат беше тука за граѓаните, поминавме тешки периоди, донесовме сериозни државнички одлуки. Денеска нашата земја чекори напред, денеска сме прогресивен свет, почитувани од целиот свет, со соседите имаме одлична соработка, развивме Опен Балкан, развиваме Берлински процес, интегрирани сме во сите меѓународни институции и денеска предизвиците кои се пред нас исправени се предизвици на подобра инфраструктура, вработени млади луѓе, повисоки плати и пензии, повисок економски стандард. Сите крупни прашања коишто ги решивме во целиот овај период позади нас, сите беа само за една цел: повисок економски стандард на нашиот народ. И тука не застануваме, следните 4 години се одличен мегдан да оставиме траен убав печат за подобар економски живот на луѓето. Затоа почитувани мои сограѓани, борба за победа в недела, сите да се радуваме“, изјави Заев.