23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Шилегов: Скопје мора да продолжи напред заради новите паркови, велопатеки и почистиот воздух

Во своето вечерашно обраќање пред граѓаните во скопската општина Карпош, кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, побара поддршката за вториот круг потсетувајќи на многуте реализирани проекти од градската зелена агенда.

„Се сеќавате ли дека во 2017 година главна тема на изборите беше аерозагадувањето. Сега бројките покажуваат далеку почист воздух. Почнавме војна со загадувањето со воведување нови 40 мерки. Со субвенциите за инвертер-уредите ги заменивме старите печки на дрва и само поради тоа во Скопје денес чадат 8.000 оџаци помалку во однос на претходно“, нагласи Шилегов.

Тој додаде дека со субвенциите за велосипеди и тротинети Скопје денес е побогато за 15.000 велосипеди и над 600 тротинети, а скопската мрежа на велосипедски патеки го надмина 115-тиот километар. Потсети и на поврзувањето со конектори на главните велосипедски рути и на новите апхил и даунхил-велосипедски патеки за љубителите на екстремните спортови на Водно.

„Подигнавме над 100.000 квадратни зеленило, а дивите депонии и дивите паркиралишта ги претвораме во паркови. Див паркинг во кал беше денешниот парк ‘Ибни Пајко’, видете го денес колку е убав. Паркот во Мичурин и паркот во Кисела Вода беа депонија. Покривот на ГТЦ беше детектиран како т.н. топлотен остров, сега е полн со луѓе и зеленило“, додаде Шилегов барајќи ја поддршката од граѓаните за втор градоначалнички мандат за да може, како што рече, Скопје да продолжи напред.