23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Да не дозволиме да скршнеме од патот на напредокот

На 31 октомври треба да го потврдиме напредокот, Демир Капија и сите други општини да продолжат напред, да не ризикуваме да скршнеме од патот и да се вратиме назад, а напред продолжуваме со заокружување на број 12, порача вечерва претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Ова не е борба само за тоа дали ќе победи СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ или кандидатите на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ ќе победат, ова е борба за да ја осигураме иднината, да го осигураме правецот по кој ќе се движи нашата општина, нашата држава“, посочи Заев.

Претседателот Заев истакна дека сето она што е реализирано во овие четири години наспроти оние 11 години под режимот е јасна разлика помеѓу концептот на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„За само четири години ги покачивме платите, пензиите и социјалната помош, стапката на невработеност е на 15,9 отсто, државата денеска е членка на НАТО, а идентитетот наш македонски е признаен од целиот свет. И сето тоа за четири години од кои 20 месеци живееме во пандемија, а имавме референдум и парламентарни избори. Тоа мора да продолжи и наредниот период, затоа треба да сме обединети и мудри на 31 октовмри, да не дозволиме Демир Капија и државата да се враќаат назад. Со нас знаете на што сте, со ВМРО-ДПМНЕ нема нова иднина. Да не дозволиме да се вратат лагите, манипулациите, да се врати режимот назад. Затоа в недела да гласаме за број 12, за Лазар Петров, за Демир Капија, да гласаме за 12 за победа и во Демир Капија и низ целата држава“, повика Заев.