Проект од Предизборна програма на кандидат за градоначалник Константин Георгиески:
„Урбана култура“ е еден од клучните проекти во нашата предизборна програма кој наскоро започнува да се реализира. Со овој проект се обезбедува комплетно нова слика на најцентралниот и најфреквентниот дел на градот.
Како прва фаза од реализацијата на проекот е реконструкцијата на плоштадот „Чинар“ заедно со пешачката улица „Гоце Делчев“. Реконструкцијата предвидува замена на постојниот плочник со нови гранитни плочки, замена на постојната фонтана, уредување на просторот околу „Чинарoт“, нова урбана опрема и осветлување. Целата предвидена постапка е завршена и во моментот се чека Конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство, кое беше аплицирано на 15-ти јули оваа година.
Преземаме конкретни активности и имаме план да го вратиме сјајот и автентичниот изглед на Охридската чаршија. Предвидуваме поплочување на целата површина со гранитни плочки од „Чинарот“ до Градскиот плоштад и унифицирање на излозите и рекламните паноа на деловните објекти.
Најважен дел од проектот „Урбана култура“ е реконструкцијата на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, кој предвидува поплочување на целата површина, поставување на автентична урбана опрема, осветлување и современо хортикултурно уредување. Активностите и градежните зафати ќе бидат во согласност со сите предвидени мерки за заштита и чување на препознатливите визури на градот.
Исто така, во рамки на проектот „Урбана култура“ преземеме мерки за замена на бехатон плочките од сите локации во заштитениот дел на градот, со природни материјали, согласно староградската архитектура.
Спроведуваме сериозна одговорност, грижа и одржливо управување со културното и историското наследство на Охрид, согласно препораките на УНЕСКО. До сега покажавме дека имаме капацитет да реализирање на големи и важни проекти за градот.
Охрид заслужува да биде современ и модерен туристички центар. Ги нудиме најдобрите решенија и проекти кои се во интерес на сите граѓани. Затоа на 31-ви октомври да се обединиме, да го заокружиме бројот 12, за Охрид да продолжи напред, да го заокружиме брјот 12 за уште една голема победа за нас и за идните генерации!