Изјава на Атина Мургашанска- носителка на советничка листа од СДСМ и коалицијата:
Изминатиов период имавме денови со обилни дождови, кои за земјоделците можеби се значајни, но не и за учениците од централниот објект на основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“.
Постојано ги слушаме владините проекти и реконструкции на училиштата од страна на градоначалникот Димитриевски и пак во прво лице еднина, а ниту еднаш не слушнавме дека изминатите денови во горенаведените училишта кровната конструкција протекува во повеќе училници, за што постојат фотографии, а сведоци се и самите ученици и вработени. Учениците до скоро следеа настава во мокри училници, а веќе истите и не се во функција поради опасност од струен удар. Во просториите има електрична инсталација, компјутерска опрема, телевизори, смарт табли и други помагала кои сигурно во такви услови повеќе и не се функционални.
Што треба да се случи, за да се реагира од страна на градоначалникот Димитриевски? Тоа е прашањето на кое треба да одговори. Она со што се справуваат учениците и вработените од општинските основни училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ е приоритетен проблем кој бара итно постапување.