Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МакедонијаИнтервјуТОП ВЕСТИ

Интервју со Борис Георгиевски: Заедно со граѓаните ја остваруваме визијата за модерна Гази Баба

➢ Кампањата пред првиот круг завршува денеска. Како ги оценувате овие 20 дена?

• Мене, овие 20 дена, ми причинуваа особено задоволство. Ја обиколивме Гази Баба, тропнавме на вратите на граѓаните, разговаравме со нив. Ние, граѓаните, јас и мојот тим, сме заедно, цел мандат, и тие знаат дека работам да најдам решение на сите проблеми кои претходниците, цели 22 години, не ни помислиле да ги решат. Наидовме на зборови на одобрување и поддршка, како и на очекување дека ќе продолжиме како и досега.
Зашто, тие се сведоци дека јас не ја чекав кампањата за да работам. Знаат дека јас не ја гледам општината на карта, од канцеларија. Јас сум на терен, секој ден, постојано со нив. Ги чувствувам и ги разбирам проблемите што ги имаат. И ги решаваме, еден по еден.
Во овие 4 години реализиравме повеќе од 200 проекти. Ако се пресмета тоа значи дека секоја недела од првиот мандат сме почнувале по еден нов проект. Училишта, градинки, улици, патишта, водоводи, канализации, спортски сали, детски игралишта, паркови. Тоа е само дел од реализираните проекти.
Ги слушав граѓаните 2017-та и така работев. И сега ги слушам и продолжувам по нивните зборови за до крај да ги решиме проблемите.

➢ Често повторувате дека Гази Баба сте ја наследиле заборавена во 19 век. Вашите политичките опоненти го користат истите зборови за Гази Баба сега. Каде е Гази Баба денес?

• Гази Баба ја наследив со долг од над 2 милиони евра и опасност од блокирање на сметката. Целосно заборавена општина, оставена во 19 век. Населени места без вода и канализација. Руинирани градинки, училишта.
Ние успеавме да ги вратиме долговите и да ја наполниме касата, за нови проекти.
Особено сум горд што ја вративме довербата на инвеститорите. Не беше лесно. Се сеќавате дека овде, пред мене, ги дочекуваа со динамит. Благодарение на нашите напори, денес, заедно со бизнис секторот отворивме нови 4000 работни места, во 15 нови инвестиции.
Советниците од ВМРО ДПМНЕ, кои овие 4 години беа мнозинство во Советот, постојано се обидуваа да нè блокираат. Типично за нив, и сега и досега. Година и пол се изживуваа со блокади за да не ја решиме состојбата со Перо Наков, Кванташки, Ист Гејт. Но, денес, Скопје Ист Гејт е пред отворање. Тоа се 2500 нови вработувања. Деновиве почнуваме и со нова инвестиција од 15 милиони за изградба на современ Кванташки пазар и реконструкција на улицата „Перо Наков“. Доаѓа уште една нова инвестиција – „Локотранс“, со 20 милиони евра.
Ме прашавте каде е Гази Баба денес. Граѓаните се сведоци дека, во секое населено место во Гази Баба, работите се менуваат со забрзано темпо. Денес, Гази Баба, е општина во која рамномерно се инвестира за животот на жителите да е подобар, а нивните имоти да вредат повеќе. Да се на цена.

Досега, изградивме 48 километри патишта, булевари, улици, 23 километри водоводна и канализациска мрежа, 10.600 метри квадратни пешачки патеки и 3100 метри велосипедски патеки, нови 2000 дрвја и 9000 метри квадратни јавно зеленило, а продолжуваме со илјадници квадратни метри ново зеленило.

Ги решаваме децениските проблеми. Со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ја завршивме реконструкцијата на булеварот „Александар Македонски„ и улицата „Благоја Стефковски“. Се работи на реконструкција на булеварот „Киро Глигоров“, се гради новиот булевар„ АСНОМ“, како и мостот „Михајло Апостолски“.

Градиме водоводна мрежа во Раштак. Во Булачани, водоводната мрежа е завршена и домаќинствата се поврзани. Оваа година треба да ја завршиме и изградбата на примарната и секундарната канализациска мрежа во Јурумлери, Смилковци, Гоце Делчев, Трубарево, Попово Маало, Црешево. Следува и Страчинци.

Хиподром, Ченто и Автокоманда ги поврзавме со велосипедска патека од двете страни.
Денес, секој граѓанин може сам да изведе заклучок каде беше и каде е сега Гази Баба. Како се работеше тогаш, а како сега. Ние не правиме спотови со водоскоци и фонтани, ние решаваме прашања од суштинско значење.

➢ Сите партии ветуваат дека ќе ги задржат младите дома, ќе им понудат добар живот. што правите, што нудите вие?

• Приоритет ни е да создадеме услови за образованието на младите. И горд сум на резултатите што ги постигнавме.
Градиме и реновираме училишта и градинки.
Со поддршка од Владата изградивме нова зграда и спортска сала за училиштето „Вера Јоциќ“ во Хиподром. Реновиравме 11 училишта, со енергетски фасади, покриви, прозорци. Ги опремивме со модерни наставни помагала и библиотеки. Градиме нови училишни спортски сали во „Кирил и Методиј“во Стајковци, во „Наум Охридски“ во Булачани, како и во подрачните училишта во Црешево и Страчинци.
Започнуваме со изградбата на новата зграда за училиштето Крсте Мисирков во Ченто.
После децении ветувања ние ја изградивме градинката „Пеперутка“ во Стајковци. Ги реновиравме сите 11 детски градинки и отворивме нови 300 места за децата. Во тек е изградбата на нов дневен центар за деца со посебни потреби и центар за сензорна интеграција во Железара.
Почнуваме со изградба на 4 нови градинки во Ќерамидница, Синѓелиќ, Трубарево и Инџиково.

Ние се бориме со нерешените проблеми, наследство од цели 22 години, оставено од моите претходници од ВМРО-ДПМНЕ, но многу се посветивме и на можностите за младите.
Со грантови за самовработување, со дуално образование, со стипендии за талентирани ученици и спортисти. Со поддршка на иновативни проекти на студентите од факултетите од општина Гази Баба.
Скопска Црна Гора ја гледаме и како туристички центар и како уште една можност за младите. Работиме на развој на туризмот и вработување на локалното население, како и отворање на мали, семејни бизниси.
Развојната зона на влезот во Скопје, портата на градот, ќе биде најголемиот логистички центар, а со тоа ќе ги искористиме сите можности на северната обиколница. Тоа се нови инвестиции и нови вработувања.

➢ Вардариште и Железара се 2 горливи прашања и тоа не само за Гази Баба туку и за целиот град.

• Им кажав на жителите на Железара дека ќе НЕМА нова тешка загадувачка индустрија. Со Владата работиме на тоа и постојната загадувачка индустрија да биде дислоцирана. Со експертите и еколошките друштва бараме решение за отпадот што со децении се таложи во Железара и стои на отворено.
И тоа не е единствен ваков капитален проект во нашата борба за здрава животна средина.
Депонијата Вардариште станува минато, а просторот е планиран само за зеленило и спорт. Долг е процесот, но го започнавме. Во овие четири години подготвивме и донесовме еден ДУП. Привршува изработката на уште два ДУП-ови за Вардариште кои потоа треба да поминат на Советот. Преку нив ја утврдуваме единствена намена, а тоа е зеленило и спорт на целиот простор на поранешната депонија. Паралелно со донесувањето на плановите започнува процес за хуманизација на земјиштето според добиените насоки од страна на стручни лица кои се вклучени во овој процес.
Навистина, ова е од огромно значење, не само за општината туку и за градот.
Дозволете, да додадам дека сработивме уште една, исклучително важна работа кога зборуваме за здрва и чиста средина. Од претпријатие со 4-ца вработени, а од механизација со 1 лада нива, ЈКП прерасна во вистински сервис на граѓаните. Вложивме преку 10 милиони денари во опрема, униформи, механизација. Сега има 120 вработени и сопствена работилница за изработка на клупи, канти за отпадоци, летниковци и друга урбана опрема. ЈКП сега има годишен буџет од 1,5 милион евра за разлика од 1 милион денари колку што имаа во време на ДПМНЕ. Тоа е голема разлика.

➢ Кои се вашите наредни проекти. Што предвидува вашата програма за наредните 4 години?

• Веќе зборував за капитални проекти што претстојат. Пред да набројам уште сакам да кажам дека резултатите постигнати во овие четири годни се мојата гаранција пред граѓаните дека сите проекти кои ги нудиме, за периодот 2021-2025, нема да останат само ветување.
Почнуваме со проширување на топловодното греење за 18 згради, од кои 2 во Автокоманда и 16 во Хиподром, а потоа, со премостување на булеварот „Александар Македонски“, продолжуваме во Ченто. Ќе го гасифицираме факултетскиот кампус и студентскиот дом „Стив Наумов“.Предвидуваме нови 100 километри асфалтирани локални патишта, тротоари, велосипедски патеки, урбана опрема и детски катчиња. Наскоро ќе бидеме сведоци на нов спортско рекреативен центар Стајковци – Црешево. Продолжуваме со уште еден клучен проект, поради што и велам дека наследивме општина од 19 век. Тоа е изградба на фекална канализациска мрежа во Идризово, Виниче, Ергеле, Раштак, Булачани и Брњарци.
Веднаш започнуваме со реконструкција на Домовите на култура во Ченто и во Колонија. За да им го вратиме сјајот и оригиналната архитектура. Да ги зачуваме спомените на генерации луѓе израснати во Гази Баба. Претстои изградба на Дом на култура и простории за пензионерите и Месната заедница во Јурумлери.

➢ Ја спомнавте културата. Тоа го наметнува прашањето и за спортот. Споменавте изградба на училишни спортски сали, но дали тоа е доволно. Колку вие како општина успеавте на ова поле?

• Се радувам на вашето прашање. Како што се радувам на успесите на нашите прволигаши – Скопје и Феникс. Тие добиваат финансиска поддршка од општината, но не се единствени. Наша поддршка имаат 38 спортски здруженија, клубови и индивидуалци. Да дополнам и дека продолжуваме со стипендирање на најквалитетните спортисти.
И да, многу направивме. Учениците од „Вера Јоциќ“ , во Хиподром, сега имаат нова спортска сала. Градиме нова спортска сала за „Кирил и Методиј“ во Стајковци, а предвидовме и за „Наум Охридски“ во Црешево, како и реконструкција на спортската сала во училиштето „Наум Наумовски Борче“. Претстои и изградба на спортско рекреативен центар Стајковци – Црешево.
Досега, реконструиравме 22 детски и 15 спортски игралишта, поставивме нова фитнес зона во парк шумата Гази Баба, вештачка трева сега имаат 6 спортски игралишта. Баскет игралиштето во Автокоманда, прво доби тартан подлога. Ја издвојувам и успешната кампањата – ГАЗИ БАБА спортува.

➢ Во кампањата, против кандидатите често си префрлаа за тоа кој од каде е, колку долго живее во општината за чиј што градоначалник се кандидира, колку ја познава. Како е во вашиот случај?

• Роден сум во Гази Баба и живеам во Стајковци. Виниче е моето родно место. Местото на моите предци, моите корени. Таму го направив првиот чекор кон животот. Од таму, пред 4 години, но и сега ја започнав и кампањата за локалните избори. Секогаш зборувам за мојата визија за Гази Баба како модерна општина.
Сработивме многу, но имаме уште многу работ. Испланиравме над 400 нови проекти. Немаме друг избор освен со силна волја и посветеност да ги надоместиме изгубените децении. Зашто се роди надеж во нашата запоставена општина, надеж наспроти неизвесноста и лажните ветувања. Зашто јас ја сакам својата општина и така работам.